Прилепското Мермерно езеро кое се наоѓа над селото Беловодица овие денови стана вистинска атракција во Македонија. Благодарение на мермерните ѕидови и дно тоа е со тиркизно сина боја, водата е кристално чиста и е примамлива за капење во текот на летниот период. Како што беше објаснето, езерото е настанато во поранешниот ископ на мермер, којшто бил напуштен пред неколку години зашто се појавила подземна вода.
На Фејсбук се појавија фотографии од тоа како изгледало местото пред да се наполни со вода.
„Прилепското „Памук Кале” или Мермерното езеро во време на изградбата. Не го направи Крале Марко со боздоганот, туку е производ на осмислен процес на експлоатација по сите стандарди. Теренот е еколошки чист а квалитетот на водата е (испитан во 2011) хемиски и биолошки исправна. Езерото е длабоко 20 метри и содржи 100,000 кубни метри вода. Поздрав до рударите од Рудник Беловодица за посебен придонес при изградбата на оваа прилепска атракција. Ви посакувам на сите пријатни моменти во ова прекрасно место”, напиша м-р Васко Дамески – поранешен раководител на рудникот Беловодица на својот Фејсбук профил и објави фотографии како изгледал рудникот кога функционирал.
Но тој упати и апел до граѓаните.
„АПЕЛИРАМ !!! Да се внимава при посетата на Мермерното езеро. Постојат делови од рудникот кои не се безбедни. Има појава на одрони и крупни карпи блиску под површината на водата со што е голем ризикот при фрлање во вода од поголеми височини. Концесијата ни е одземена од Влада на Р. Македонија и ги изгубивме ингеренциите да го завршиме процесот на обезбедување и рекултивација на рудникот. АПЕЛИРАМ до локалната самоуправа да испрати екипа која ќе се грижи за безбедноста и хигиената, посебно за време на викендите кога има голема фрекфенција на посетители. Ви стоиме на располагање за обезбедување и маркација на оваа прекрасно место”, напиша Дамески на Фејсбук
На Фејсбук се огласи и Душко Галески, поранешен вработен во рудникот Беловодица.
„Само ги молам сите што ќе го посетат ова место да не фрлаат шишиња и друг отпад, да не го загадат бидејќи ние за 12 години работа не оставивме ниту едно шише, кеса или било каков отпад. Посебно сакам да укажам и на опасностите кои ги крие ова место. Јас лично не би се капел и не би дозволил на никого да плива а уште помалку да се шета околу водата по етажите”, напиша Галески на Фејсбук.
Нуркачи го истражија езерцето
Нуркачи од клубовите „Акватек” и „Врело” извршиле мерења на неколку точки од Мермерното езеро, при што е пресметано дека е длабоко околу 15 метрa, додека температурата на водата се движи од 22 степенa на површината, за во длабочините да се спушти на 8 Целзиусови степенa
Во него има ситни риби и вегетација која се развива по дното и по страниците од езерото.
– Мов почнал да се нафаќа на мермерните блокови, а водата долу е кочан ладна. Причина за тоа е зашто е изворска вода. Да не беше извор, да стоеше така водата, немаше да биде толку студена. Воедно таа е и проточна. На еден дел од езерото се создало и мало поточе по кое истекува меѓу мермерните блокови – вели за “Телеграф.мк” Даниел Атанасовски од нуркачкиот клуб „Акватек”.
Членовите на клубот се обиделе да го најдат изворот, но не успеале.