Заев конечно и ги предаде прислушуваните разговори на Јанева

Предавањето на документите Заев го одло­жуваше со изговорот дека не се обез­бедени услови во СЈО за нивно соод­ветно чување. Но, сега се создаде нова дубиоза бидејќи по се изгледа не е направен детален записник на предадените материјали

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев на 29 декември ги предаде материјалите од прислушуваните разговори во Специјалното јавно обвинителство. 

– Денеска опозицијата го заврши својот дел од обврската од договорот во Пржино и материјалите од прислушуваните разговори кои ги поседувавме се дадени на Специјаното јавно обвинителство. Претстои обемна работа за СЈО. Граѓаните од СЈО кое е формирано со договор на четирите партии очекуваат и се надеваат дека правдата во РМ повторно ќе се врати за секој граѓанин без оглед на нивната определба, изјави Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања тој истакна дека на Специјалното јавно обвинителство го предале целиот материјал кој нив им бил даден од како што рече, луѓе патриоти. За одлуката да ги предадат материјалите со прислушуваните разговори, Заев рече дека е донесена откако добиле информации дека се обезбедени соодветни услови за безбедно чување на материјалите. Тој додаде дека и лично се уверил во тоа, бидејќи имал можност да ги види сефовите каде ќе се чуваат материјалите.
Тој истакна дека очекуваат сите точки од Договорот од Пржино да бидат исполнети од сите учесници кои се вклучени во него, вклучувајќи ја работата на Анкетната комисија, донесување на законот за медиуми и прочистување на Избирачкиот список со цел, како што нагласи, создавање амбиент за кристално чисти избори.
– Истовремено очекуваме да бидат исполнети сите соодветни рокови коишто зависат сега од новоформираната Државна изборна комисија каде што претстои, согласно законот и договорот целосно споредување на фотографиите од биометриската документација, целосно споредување на базите од биометриската документација, на граничните премини, потоа КИПС коишто ги гарантираат трансакциските сметки на граѓаните и сите други бази на податоци и да се заврши теренската проверка на Избирачкиот список за да опстои обврската на сите политички чинители како одговорни пред граѓаните дека се обезбедени фер, регуларни, демократски услови за одржување на наредните парламентарни избори, вели Заев.

Останати вести