Присвоиле $ 50,000 од уплати на граѓани

Тринаесет шалтерски службеници три години системски го краделе буџетот на Агенцијата за катастар на недвижности во Скопје со што се стекнале со имотна корист од скоро $ 50 илјади.

Сите тринаесет осомничениа се уапсени во координирана акција со работен наслов “Сторно” и се изведени пред судија на претходна постапка. За нив Обвинителството побарало да се изречат мерки на безбедност.
Осомничените три години краделе по добро разработена шема, која била многу едноставна, ама тешка за откривање, поради што и подолг временски период успевала. Доколку на шалтерот во Скопскиот катастар се појавела странка која имала потреба за користење на некоја од услугите кои ги нуди Катастарот, а за кои треба да се плати соодветна тарифа, и странката не поседувала платежна картичка со која на самото место би ги платила услугите, веднаш се активирала криминалната шема. Осомничените на странката и нуделе тие наместо неа да ја извршат уплатата со платежна картичка, а за возврат од странката барале кеш пари кои, за жал, во најголем број случаеви и ги добивале.
Откако ќе ја добиеле побараната сума пари, која речиси редовно била многу поголема од сумата кој реално требало да биде уплатена согласно тарифникот, шалтерските работници на постерминалите кои им се доверени за извршување на службената должност, поминувале своја или со платежна картичка на друго лице, сè со цел да можат да испечатат слип(потврда) за извршено плаќање, која задолжително треба да се прикачи кон пријавата на странката и е предуслов за постапување по предметот од стручните служби на Катастарот.
Веднаш откако ќе го испечателе слипот од постерминалот, повторно се најавувале на постерминалот и ја сторнирале банкарската трансакција.
Пријавените биле внимателни во извршувањето на кривичните дела. За да не бидат уплатите сомнителни кај стручните служби кои, согласно закон, се должни да ги контролираат, со платежните картички уплатувале сума која е соодветна на онаа предвидена со тарифникот, иако од странките во кеш земале многу повеќе. При контролата на извршените уплати и сторнирања на постерминалите кои се користат во Центарот за катастар на недвижности, Финансиската полиција пронајде и поголем број употребени картички кои се сопственост на повеќе извршители и нотари од реонот на Скопје, кои се употребени од шалтерските работници, без нивно знаење и дозвола.
Истата шема била употребена кај 3,000 предмети кои се воделе во Катастарот.

 

Останати вести