Признание за зачувување на македонскиот идентитет

(од лево) Кире Трајковски, Иван Трпоски, Орце Марковски

Минатиот петок, Литературното друштво „Григор Прличев” од Сиднеј им додели посебни признанија на Кире Трајковски и Орце Марковски за промовирање на македонскиот јазик и литература.

Благодарниците -дипломи им ги врачи поетот Иван Трпоски, библиотекар и архивар во Библиотеката „Григор Прличев”.
Кире Трајковски е познат македонски активист, голем патриот и колекционер на македонски книги, посебно историска литература. Секој издаден наслов во Литературното друштво и секоја донесена книга во Библиотеката Кире сака да ја има во својата лична библиотека. Тој не само што го помага Друштвото со купување на книги туку и финансиски го потпомогнува печатењето на истите и помогнува во дистрибуирање меѓу своите роднини, пријатели и заедницата.
Орце Марковски со своето семејство е еден од најредовните читатели во библиотеката „Григор Прличев”. Неговите близначки кои го изучуваа македонскиот литературен јазик како предмет во гимназијата Когра, целото свое знаење го црпеа токму од книгите што Библиотеката им ги нуди на учениците кои го изучуваат македонскиот јазик. Орце, како родител, покажа колку е важно подржувањето на своите деца активно да се вклучат во зачувувањето на мајчиниот јазик и македонската култура.

Душан Ристевски

Останати вести