Признанија од МАСО за денот на независноста

Во организација на МАСО и оваа година одбележан големиот празник Денот на независноста на Република Македонија.

На свеченоста присуствуваа угледни гости од викторискиот општествено – политички живот и претставници од конзулатот на Република Македонија. Иницијаторот додели признанија, а вечерта крунисана со просидба.

Во организација на асоцијацијата МАСО (Македонско – австралиска организација на заедницата) беше прославен 8 ми септември – Денот на независноста на Република Македонија. На чествувањето на 23 години од судбоносниот 8 ми септември, денот кога Македонија го рече судбоносното ДА на референдумот за независност, присуствуваше почесниот гостин од Парламентот на Викторија Ендреу Елсбури, како и Бети Коруновска, конзул на Република Македонија во Мелбурн, Австралија. Големата свеченост се одржа во Шелдон Ресепшион во Мелбурн.

Традиционално, по повод празникот иницијаторот на чествувањата во Викторија, организацијата МАСО, додели награди за личности кои дале свој придонес во развојот на македонската заедница во Австралија. Оваа година, признанија им беа доделени на истакнатите дејци во областа на општествено – културните збиднувања, Јанко Калинчев, Коста Колевски, и постхумно за особен придонес во унапредување на врските во македонската заедница во Мелбурн со татковината и во австралиското општество на Веле Миленковски. Наградите, во име на МАСО ги додели Лидија Нешковски.
Денот на независноста Македонците од Викторија го чествуваа со пригодна програма на која настапи и Вера Трајковски, која пред многубројната публика се претстави со нејзините нови песни. Како и секогаш, на една ваква свеченост, покрај официјалната програма, резервиран е и забавен дел, кога настапија и неколку млади таленти. Со својот исклучително квалитетен и професионален настап изненади младиот Мајкл Димовски.
Но, најголемото изненадување, сепак, беше резервирано за на крај. Мицко Ѓуровски од сега па натаму ќе има двојно славење за 8 ми септември. Имено, тој собра храброст и пред сите гости ја запроси Елена Зафирова. Се разбира, прашањето наиде на одобрување, а радоста беше взаемна од сите присутни.

Гордана Цветаноска

Постхумното признание за Веле Миленковски го прими неговиот син Зоран

Наградата за Коста Колевски во име на МАСО ја додели Лидија Нешковска

Јанко Калинчев

Викторискиот парламентарец Ендреу Елсбури беше почесен гостин

Останати вести