Признавам дека ме измамија, ама барем сум во „добро друштво“!

Руските комичари Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус, велат дека дури во три наврата успеале да дојдат до премиерот Зоран Заев и телефонски да разговараат со него, претставувајќи се како поранешниот украински претседател Петро Порошенко. Во првиот разговор дури конференциски “го приклучиле” и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг (има индиции дека тука е искористен вистинскиот глас на Столтенберг од вистинска прес-конференција ама и од пранкот што нему му е направен во 2017 година).

Во аудио-снимката објавена на Јутјуб, во должина од 54 минути, двајцата комичари велат дека се споени најинтерсните делови од трите разговори со Заев, направени во август 2018, јануари 2019 и април 2019. Аудио снимката ја пренесоа/реобјавија и водечките руски медиуми.
Заев ниту во еден момент не се сомнева со кого разговара и обилно известува за успесите на неговата надворешна политика, Преспанскиот договор, но и за односите со Русија, проблемот со Косово-Србија (има сомнеж дека Москва стои зад предлогот на Белград за размена на територии со Приштина, за да покаже меѓународен преседан кој би можел да се искористи за проблемот со Украина и Крим) и друго.
Исто така, Заев во детали ги информира комичарите за референдумот за името и за тоа кои земји во светот ја поддржуваат Македонија, а кои не.
За време на вториот и на третиот разговор лажниот Порошенко му нуди помош на Заев да посредува кај вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на автокефалноста на МПЦ. Заев прифаќа, велејќи дека помош му е ветена и од Ципрас но секоја поддршка е добродојдена.
Во текот на разговорот со лажниот Столтенберг, Заев вели: “Ние сме досега посветен партнер и во иднина како членка на НАТО. И ќе постигнеме се што треба, сметајте на нас…”
Од раговорите е очигледно дека пранкерите го наведуваат Заев да зборува за руското влијание на Балканот и за тоа како треба Македонија и другите демократски земји да се спротивстават. Македонскиот премиер без особена задршка зборува дека Александар Вучиќ е пион на Русија, дека предложената размена на териториии Косово-Србија е план со пеколни последици и дека и Меркел се согласила дека не треба да се дозволи. На барање на лажниот Порошенко Заев му ги дава мобилните броеви на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел како и на косовскиот премиер Рамуш Харадинај. “Јас со него постојано комуницирам преку Ватсап”, вели Заев и му сугерира на украинскиот “претседател” да стапи во контакт со него за заедничка координација против планoвите за промена на границите.
Жртва сум на мојата достапност и отвореност
– За жал и јас станав еден од измамените од страна на добро организирана и инвентивна структура, која е насочена против личности и земји насочени кон евроатлантски аспирации за да им се наштети, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата која ја одржа по повод објавеното видео на „Јутјуб'” од руските „пранкери”.
– Тоа е добро организирана структура на ширење на влијание на трети страни, а манипулациите по правило извираат од анти-НАТО пропаганди и дезинформации. Овие напади се насочени кон земји-членки на ЕУ или земји-аспиранти, кажа Заев.
Тој додаде дека во оваа политичка дискредатиција не е единствен, па нареди дека од истите “пранкери” измамени биле и францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, музичарот Елтон Џон…
– Се случил ваков пропуст и им се извинувам на граѓаните. Моја олеснителна околност е што сум во добро друштво. Јас сум жртва на мојата отвореност. Постојано сум достапен на граѓаните, лидерите на европските држави, рече Заев.
Тој најави дека Владата набрзо ќе излезе со итен план против специјалната акција за ширење дезинформации.
За содржината на разговорите, премиерот Заев вели дека нема ништо спорно, ниту издал тајни ниту пак нарушил диломатски односи бидејќи тоа што го зборува се негови познати ставови. Рече и дека во дел од објавените разговори се извршени интервенции и се ставени во контекст да се извлечат погрешни заклучоци. Особено го посочи делот околу поткупот за вселенскиот патријарх Вартоломеј.
– Нема да поднесам оставка, ниту пак ќе повикам некого на одговорност. Вакво нешто се случувало и во други земји каде што нивниот безбедносен систем е многу поголем. Ја преслушав неколку пати снимката објавена на Јутјуб и таму нема ништо поради што би поднел оставка. Јас во тој момент лично верував дека разговарам со Столтенберг и Порошенко и зборував како премиер. Ги повторив ставовите кои секогаш јасно сум ги кажувал. Секој ден сте во машина, установи, разговори и затоа се случуваат пропусти, за што искрено се извинувам. Почитувани се сите протоколи кога некој бара да биде поврзан. Не гледам дека имало издавање на државни тајни и жалам за споделувањето на телефоните, но немам намера да поднесам оставка, а од ова ќе излеземе само посилни — рече Заев.
Тој одговарајќи на новинарски прашања рече дека разговорите биле правени преку апликацијата „ВатсАп”, првиот е правен од неговата канцеларија на “Илинденска” бр.2. Раскажувајќи како дошло до разговорот, премиерот рече дека прво бил контактиран неговиот кабинет и бил побарано воспоставување разговор на него со Порошенко. Кога од протоколот му кажале, Заев се согласил и кажал кој термин му одговара – помеѓу два состанока.
– Мислам дека за “разговорот” со Порошенко и Столтенберг дури имавме и соопштение до јавноста, рече Заев.
Зборувајќи за протоколот, Заев рече дека не била контактирана украинската амбасада и објасни дека најчесто договарањето разговори оди преку амбасадите со земјите кои не се блиски, но со оние со кои веќе контактирале и имаат воспоставено комуникација, контактираат директно кабинетите. А неретко, рече премиерот, се случува и функционерите директно да контактираат. Кога се прават вакви разговори, до Заев најчесто е некој од советниците кои фаќаат белешки и потоа ги доставуваат до архива.
Монтиран делот за “донација” на Вартоломеј?
Во врска со наводите дека понудил пари, односно прифатил да даде 100 000 евра „донација” за патријархот Вартоломеј за признавање на автокефалноста на МПЦ, Заев тврди дека снимката е извадена од контекст, монтирана, односно дека во еден дел од разговорот зборуваат за автокефалноста, а во друг дел зборувале за парична поддршка на верските заедници. Тој вели дека лично со свои средства или со средства од фирми блиски до неговото семејство многу често помагал па во таа насока и овој пат рекол дека нема проблем да помогне.
– Од разговорот се гледа мојот придонес и поддршка за МПЦ и дома и во странство. Секогаш работам во одбрана на интересите на нашата држава. Тоа е мојата постојана заложба. Овде се работи за незаконски активности на странски агенти. Во разговорите се слуша мојот став против промена на граници и размена на население. Во разговорот го пренесувам мојот личен став дека ќе направам сè што треба за автокефалноста на МПЦ, рече Заев.

КРИВО МИ Е ШТО НЕ СФАТИВ ДЕКА МЕ МЕСТАТ
Новинарско прашање:
– Сите од “доброто друштво” што ги наведовте сфатиле дека имаат работа со пранкери уште во првите 10 до 20 минути од разговорите. А Вие ни по три долги разговори не сте сфатиле. Нели се чувствувате лошо поради тоа?
Заев:
– Да, лошо се чувствувам, мора да признаам. Се чувствувам лошо, би бил среќен да го сфатев ова во првата минута од разговорот, но не го сфатив. Ама ако ме прашате дали отсега натаму нема да се јавувам на телефон, ви кажувам веднаш – секогаш ќе се јавувам кога ќе бидам побаран. Ние сме една фабрика народ во земјата и јас сум максимално отворен за јавноста.

Останати вести