Минатиот понеделник, Жири комисијата во состав на Силвана Трајковска (претседател), Мери Петковска и Бојана Ристевска-Јанкуловска ја донесе својата одлука за прогласување на најдобрите дела од традиционалниот награден конкурс за Прличева награда за 2017 година во организација на Македонското литературно друштво „Григор Прличев”.
За сите категории на конкурсот пристигнаа 45 дела од кои се избраа следните дела како најдобри на кои ќе им се доделат награди:
Најдобра поетска творба на годината за возрасни:
1- ва награда: Вино, шифра „Вино”, од Љубица Поповска од Мелбурн
2- ра награда: На Кале Охрид, шифра „Кале” од Крсте Наумовски-Мечкар од Мелбурн
3- та награда: Што е љубов ако не ослободува, од Емилија Жупаноска од Волонгонг
Најдобра поетска творба на годината за деца:
1-ва награда: Роденден, шифра „Роденден” од Љубица Поповска од Мелбурн
2- ра награда: Кажи ми дедо, шифра „Компас”
3- та награда: Баба меси зелник, шифра „Пет од пет” од Гроздан Јовановски од Њукастел
Најдобар расказ на годината за возрасни:
2-ва награда: Убавата македонска традиција, шифра „1.12.1956″
3-ра награда: Разбудување, шифра „Разбудување” од Љубица Поповска од Мелбурн
Најдобар расказ на годината за деца:
(За оваа категорија не се доделија награди)
Од Извршниот одбор на Литературното друштво „Григор Прличев”
Најдобра поетска творба на годината за возрасни – Прва награда:
ВИНО
Во виното е вистината !
Со виното
илјади копнежи и желби
славени,
тајни мисли,тајни љубови
издадени,
вистини опијанети,
удавени,
лаги, лаги исправени
само една ноќ
славени.
Во виното е вистината!
Љубов со нежност и
љубовни погледи
разголено,
со вино распалено,
не трае, не седи
не може в срце да
лежи,
мора да се искаже
на душа да не тежи.
Тоа на љубовта и
прилега,
на љубовта и стои,
на заљубените им годи,
гледаат се во розови
бои.
Во виното е вистината!
Потонати тајни
и солзи со очај
во душата,во долот
на болот.
Виното ќе ги открие
пред нечии нозе ќе ги
спростри,
во нечии очи ќе ги
обели,
за денот и иднината
да победи.
Љубица Поповска
Најдобра поетска творба на годината за деца – Прва награда:
РОДЕНДЕН
Во своите прегратки
мај те пречека
со бранови мириси,
цветни воздишки,
бисер- роса ѓердани.
Денот
на радост замириса
а плачот твој
ко песна ангелска
блесна.
Мај мене ми те дари
цвету мој мали
љубовта да се слави.
Со сјај во очи
со љубов во срце
со исконска желба
и надеж,
те дочекав,пречекав
и те сместив
во тишината
на мојата душа.
Те повив со нежност,
те покрив со љубов,
те закључив во срце
и те внесов во оваа
песна .
Среќно да ти е
твоето Трето лето
цветче мое цветно.
Љубица Поповска