СДСМ во своето време, ДПА, ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, сите на одреден начин си го земаа својот дел од тој вишок на избирачи што ги има во тој избирачки список.
Ако евентуално се направи прочистување, тогаш ќе се отвори една дилема: колку реални избирачи имаме и колку население има Македонија. Другата работа е дека тој избирачки список, ваков каков што е, овозможува многу лесна победа на било кој да е на власт, вели Радио Слободна Европа.
Можно е прочистувањето на Избирачкиот список во Македонија, но политичките партии, особено кога се наоѓаат во позиција на власт, не сакаат тоа да се случи бидејќи прочистен Избирачки список ќе значи нивно откажување од лесна победа на изборите, коментираат експертите.
Партиите во земјата со години не успеваат да направат прочистување на Избирачкиот список, тоа и сега претставува проблематично прашање од Договорот од Пржино, без чие спроведување како што најави опозициската СДСМ, нема да учествува на избори на 24 април.
Експертите велат дека Избирачкиот список крие многу непознати работи во однос на демократското функционирање на изборите во Македонија. Политичкиот аналитичар Алајдин Демири коментира дека досега сите партии во земјата со него имаат правено манипулации.
„СДСМ во своето време, ДПА, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, сите на одреден начин си го земаа својот дел од тој вишок на избирачи што ги има во тој избирачки список. Ако евентуално се направи прочистување, тогаш ќе се отвори една дилема: колку реални избирачи имаме и колку население има Македонија. Другата работа е дека тој избирачки список, ваков каков што е, овозможува многу лесна победа на било кој да е на власт. Вчера беше СДСМ, денес е ВМРО- ДПМНЕ и од таа лесна победа не се откажуваат партиите на власт”, вели Демири.
Колку време и ресурси се потребни за прочистување на Списокот се клучните дилеми во јавноста.
ДИК ќе прави вкрстена проверка со податоци од 13 извори
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, деновиве изјави дека темелно прочистување не е можно до 24 април. Сепак, ДИК во четвртокот усвои процедура за користење и обработка на лични податоци, при што било предвидено дека при прочистувањето треба да се вкрстуваат податоците од 13 државни институции: Фондот за здравство, МВР, Фондот за пензиско осигурување, УЈП, Државен завод за статистика, Катастар, НБРМ, општините, Водовод и канализација… ДИК донесе одлука Милева Христова да го заземе пратеничкото место на Емил Димитриев, кој од 18 јануари е премиер.
Изборите годинава ќе чинат околу 8 милиони евра.
За да почнат со конкретна работа тие сега ја чекаат методологијата што треба да ја предложат потписниците на Пржинскиот договор.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пред формирањето на новата Влада соопштија дека ја прифаќаат методологијата на ДИК за прочистуавње на Списокот. И министерот за финансии Зоран Ставрески, изјави дека Министерството ќе ги одобри потребните вработувања во ДИК и финансиски ќе помогне во сите сегменти на Комисијата за организирање на парламентарните избори на 24 април. Сега се чека уште СДСМ да се согласи со предложената методологија и да се тргне во акција.
Универзитетскиот професор Темелко Ристески вели дека нема логика во Избирачкиот список да се наоѓаат милион и 800 илјади гласачи, ако Македонија има 2 милиони и 20 илјади жители:
„Значи гласаат и луѓе коишто требало да бидат симнати од Избирачкиот сисок, луѓе коишто се одамна умрени и тие не треба да бидат на Избирачкиот список. Според некои проценки на Избирачкиот список би требало да се најде една бројка од 1 милион и 200 илјади гласачи”, вели Ристески.
Но, ако е така, Македонија ќе се најде во земјите со најголем одѕив на изборите, бидејќи редовно гласаат повеќе од 1 милион и 100 илјади!? Сепак, јасно е дека има голем проблем во Избирачкиот список а тоа се гледа по аферата со гласањето на Македонците од Пустец (кои ги шетаат да гласаат во Ресен, Скопје и Кичево), како и по бројката на запишани гласачи во однос на бројот на жители во некои места (Ресен, на пример, со 16,800 жители има запишани 16,300 гласачи).