Заврши вонредната состојба, продолжува изборната трка

Заврши вонредната состојба согласно со петтата одлука што ја донесе претседателот Стево Пендаровски минатиот понеделник, откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор изборите да се одржат на 15 јули.

Од вчера (среда) почнаа да течат 22 дена за завршување на изборните дејствија, што беа прекинати на 21 март поради кризата со коронавирусот. Првичниот план за одржување избори беше на 12 април, откако парламентот се распушти на 16 февруари годинава.
Продолжувањето на изборната кампања ќе се реализира во посебни услови, односно, како што најавуваат партиите, без митинзи и поголеми собири, туку главно онлајн, преку презентации на програмите и обраќања до граѓаните преку медиумите и социјалните мрежи.
Поради епидемијата на ковид-19 и гласањето ќе се спроведе во поинакви услови, со посебни мерки за заштита и практично ќе трае три дена, почнувајќи од понеделник (13 јули), па до среда (15 јули), од 7 наутро до 9 навечер (тоа се и два часа плус од вообичаено).
Шефот на државата ја образложи одлуката за нова вонредна состојба со потребата да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Ковид-19. Осумдневната вонредна состојба беше дадена за да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите.
Предвремените парламентарни избори првично требаше да се одржат на 12 април, но поради кризата со коронавирусот и прогласувањето на првата вонредна состојба во март, со владина уредба изборните дејствија беа прекинати. По повеќенеделни неуспешни разговори, консултации и неколку лидерски средби кај претседателот, власта и опозицијата на средината на месецов конечно постигнаа договор за избори на 15 јули.
На овие избори, учествуваат четири коалиции и 11 партии, кои ги доставија листите до ДИК уште во првата половина на март, односно пред прекинувањето на изборните дејствија.
По завршувањето на изборите, почнува да тече рокот од 20 дена во кои треба да се одржи конститутивната седница на 10 парламентарен состав. Новото Собрание исто така ќе профункционира под посбни мерки за заштита од ковид-19, за што во собраниската зграда веќе се подготува и друга сала за одржување на пленарните заседанија.

Останати вести