Во Мелбурн, во петок, на 17 јуни во Darebin Arts and Entertainment Centre, адреса Corner of Bell St & Georges Rd, Preston, ќе биде прикажан филмот „Македонец” на Петро Алексовски.
Ова е македонскиот филм кофинансиран од Полскиот филмски институт, кој неодамна беше прикажан во Европскиот парламент.
Филмот ја доловува судбината на македонските и на грчките деца кои ја напуштија родната земја по Граѓанската војна во 1946-1949 година во Грција. Ја опфаќа судбината на дел од децата, кои тогаш беа евакуирани и распространети во различни поранешни социјалистички земји како Југославија, Романија, Чехословачка, Унгарија, СССР и Бугарија.
Филмот е снимен по повод 65-годишнината од пристигнувањето на децата-бегалци во земјите од Источна Европа.
Премиерно беше прикажан на 31 мај годинава, на филмскиот фестивал во Краков.
Настанот во Мелбурн е во организација на Австралиско Македонскиот Комитет за Човекови Права, и на него ќе бидат прикажани уште три краткомтражни документарни филмови: “Луѓе без земја”, “Break” и “Бегалци”.
