Комисијата за заразни болести донесе заклучок да биде прогласена епидемија на мали сипаници на територија на целата Република, изјави доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на Македонија.
Досега се пријавени 961 случај со морбили, повеќе од 60 отсто од пријавените случаи кои се во пораст биле надвор од Скопје. Веќе шест центри за јавно здравје имаат прогласено епидемија на мали сипаници со вкупно население кое е повеќе од половина, односно 55 % од територијата на државата. Вкупно 20 градови имаат регистрирано случаи на мали сипаници.
Прогласувањето на епидемија за целата држава е со цел да се спроведат дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење, да се намали бројот на нови инфекции и да се спречат тешките форми на ова заболување.
– Една од мерките е забраната за посета на градинките, втората мерка која е предложена е да се намали возраста за вакцинирање од 12 месеци на шест месеци, бидејќи голем дел или речиси 100 деца од заболените се на возраст под една година и тие се највулнерабилна група за тешки форми на заболувањето. Дополнително, бидејќи имаме заболени меѓу повозрасните лица кои по редовниот календар не подлежат на вакцинација, Комисијата донесе одлука да се зголеми возраста за вакцинација, така што секое лице постаро од 14 години ќе може слободно да се вакцинира во центрите за јавно здравје односно на возраст од 14 до 60 години, рече доктор Микиќ.
Тој рече дека другиот сет мерки, што е предложен, е сите здравствени работници на територија на цела држава да мора да се вакцинирани со две дози на МРП вакцина.
Нагласи дека се забрануваат посетите на болниците и таа мерка мора да се почитува со цел да се намали можноста за внес на нова инфекција во болнички услови, а негувателките во градинките ќе бидат задолжително проверени за нивниот вакцинален статус и ќе треба да бидат уредно вакцинирани.