Предложените промени за начинот на кој на болните баратели на азил ќе им се дозволи влез во Австралија се осмислени да стават крај на системот за обработка на молби за азил надвор од австралиското тло, вели министерот за имиграција Давид Колеман.
Но, лабуристите, кои ги поддржуваат овие промени го отфрлаат ова тврдење велејќи дека начинот за обработка на молби за азил надвор од австралиското тло ќе остане непроменет доколку тие ги добијат следните избори. Според реформите за трансфер на азилантите кои имаат здравствени проблеми, а кои ќе ја поминат процедурата во Сенатот со поддршка на независни кандидати, два поединечно именувани доктори можат да побараат префрлање на азилантите кои се наоѓаат во прифатните центри надвор од австралиското тло во Австралија. Министерот би требало во рок од 24 часа да ги ревидира овие случаи, а ако ги одбие, ќе ги прегледува независна лекарска комисија. И покрај нагласувањето на лабуристите дека министерот поради безбедносни прашања би можел да не го прифати советот од лекарската комисија, Колеман вели дека законите се осмислени така што секој барател на азил кој се наоѓа во прифатен центар надвор од австралиското тло да биде префрлен во Австралија. Ова би можело да го ослаби системот за обработка на молби за азил и на крај да доведе до негово пропаѓање, рече тој и додаде: „Во рок од неколку недели, многу е веројатно, тоа е советот што го добивме, би се случило сите кои сега се на островите Манус и Науру да пристигнат во Австралија. Овој закон е осмислен за да го ослаби системот за обработка на молби за азилантите надвор од Австралија и тој повеќе не би можел да опстои.”
Министерот ги избегна прашањата за тоа дали сака со тоа да каже дека луѓето кои се наоѓаат во прифатните центри живеат во лоши услови. Но, Колеман рече дека моментално важечкиот систем за обработка на молби за азил е делотворен и докторите кои се наоѓаат во прифатните центри препорачуваат трансфер на лица кои потоа ги разгледува Министерството за внатрешни работи. Коалицијата неделава најави дека би можела да формира независна лекарска комисија од која администрацијата би барала дополнително да надгледува и ревидира поединечни случаи.
Гласноговорникот на опозицијата за прашања за имиграција Шејн Њуман го обвини Колеман дека е „лажго” велејќи оти лабуристите никогаш не би дозволиле криумчарите на луѓе повторно да ја обноват својата работа откажувајќи се од прифатните центри за азиланти надвор од Австралија.
„Ќе продолжиме со строгите мерки за безбедност на границите, вклучувајќи ја и обработката на молби за азил надвор од Австралија, враќање кога тоа е сигурно, како и регионално преселување” – рече тој.
И покрај расправиите лабуристите велат дека бараат „решение” со владата. Се очекува во долниот дом да се гласа за промените на законот веќе неделава, а малцинската коалициска влада се соочува со можноста да загуби доколку лабуристите добијат поддршка од доволен број независни пратеници. Но, по се изгледа дека лидерот на лабуристите Бил Шортен се откажал од таа идеја.
„Ако постои можност за решение, сметам дека треба да го пронајдеме” – рече тој.