Електрична енергија, Пензии, Промени со стоматолошкиот систем, Социјална помош, Данокот „backpackers”, Нови цени на пасошите, Цени на јавниот превоз во Мелбурн, 457 виза.v
Дојде Новата година. Повеќето ја дочекаа со огномет, славење и понекоја новогодишна одлука. Така и владата донесе некои свои новогодишни решенија кои примарно се за полнење на буџетот, што изминатава деценија претставува вистински проблем. За да го реши тој проблем со почетокот на новата календарска година, дојдоа и некои промени кои ќе се дополнителен товар врз нашите паричници. Кои се новите промени што ќе се воведат годинава?
Електрична енергија
Се очекува да се зголеми цената на електричната енергина ширум земјата. Причина за тоа е затварање на термоелектраната Хејзелвуд во Викторија. Така што од сега граѓаните на Јужна Австралија ќе плаќаат $150 повеќе за електрична енергија на годишно ниво, граѓаните на Викторија $99 повеќе, додека во Квинсленд зголемувањето ќе биде за $28 повеќе. Останатите држави ќе плаќаат околку $78 повеќе.
Пензии
Според новиот закон над 330 илјади пензионери ќе ги почувствуваат новите промени во намалување на пензиите. Од тоа најмалку 100 илјади пензионери ќе ги загубат пензиите, а околку 230 илјади ќе имаат некој вид намалување, врз основа на многуте промени кои ќе се применуваат според новиот закон, кој го донесоа парламентарците на зелените и Коалицијата. Се предвидува дека околку 171,500 пензионери ќе добијат зголемување од 60 долари месечно.
Промени во стоматолошкиот систем
Над 338 илјади корисници ќе го загубат пристапот до бесплатни стоматолошки услуги според новата федерална шема. Министерката Сузан Леи ги најави промените за кои е планирано да се издвојат $ 2.1 милијарди. Државите и Териториите ќе добијат помалку од $107 милиони во следните три години. А тоа е голема разлика во однос на минатиот период кога таа субвенција изнесуваше $391 милиони. Исто така максималниот бенефит на стоматолошки услуги за деца ќе се намали од 1000 на 700 долари во следните две години.
Социјална помош
Владата е одлучна во својот став да се пресмета со корисниците на социјалната помош кои го злоупотребуваат системот. Особено кон оние што на државата и должат над три милијарди долари. Така што корисниците на програмата „Нов почеток” кои на владата и должат пари, ќе мораат да платат и камата од 8,76 одсто. Исто така поранешните корисници кои имаат долг кон Комонвелтот ќе бидат во системот кој ќе им оневозможи да ја напуштат земјата доколку не го платиле својот долг кон државата.
Данок за туристите „backpackers”
Од почетокот на годинава, данокот кој младите „светски патници” ќе мораат да го платат доколку работат во Австралија ќе биде 15 одсто. Оваа одлука се донесе по постигнат компромис меѓу членовите на Коалицијата и зелените со која се намалува предвидениот данок од 32,5 одсто. Тоа значи дека сите оние кои ќе работат во првата половина на финансиската година до 1 јануари 2017 сепак ќе мораат да платат 32,5 одсто данок на заработувачката што ја оствариле во Австралија.
Нови цени на пасоши
Во новата година исто така не очекуваат нови цени за издавање пасош. Пасошот кој важи десет години за лица постари од 16 години од сегашните $254 ќе поскапи на $277. Петгодишниот пасош од сегашните 127 ќе чини $139. Истата цена ќе биде и за пасошите за лица постари од 75 години. Издавање на пасош по итна постапка од минатогодишните 127, сега ќе чини $183. Додека за издавање пасош во странство ќе се плаќа $103 за возрасни и 52 долари за деца. До сега оваа услуга чинеше еден долар.
Цените на јавниот превоз во Мелбурн
Услугите за јавниот превоз во Мелбурн се зголемени на $ 4,10 за два часа, а дневниот билет ќе чини $8,20. Годишниот билет ќе поскапи за 80 долари и ќе изнесува $1599. Носителите на концесии и понатаму ќе плаќаат само половина од целата вредност на цената на јавниот превоз. Додека за викенд билет за носителите на концесии сега ќе биде само три долари, што е намалување за 90 центи. Владата на Викторија исто така ќе ја зголеми старосната граница за деца за бесплатен превоз, така што сега таа граница се зголемува на 4 години старост. По првпат и 18 годишниците ќе имаат право на концесија и билетот за нив ќе чини $760 и ако не одат во училиште.
457 виза
Семејствата кои во Јужна Австралија пристигнуваат со деца, кои одат на училиште, од годинава ќе мораат да ја плататцената за јавното школство. Оваа промена, која инаку одамна се применува во останатите држави, ќе погоди многу семејства од Кина и Индија кои се доселија во Јужна Австралија. Годишно овие семејства ќе плаќаат $5100 за деца кои одат во основно училиште и 6100 за средношколци. Оваа цена се однесува на најстарото од децата во семејството, додека за останатите ќе се плаќа 10 одсто помалку.