Пронајдени најстарите знаци на живот на Земјата

Научниците ги откриле потенцијално најстарите знаци на живот на Земјата – траги од микроби стари 3,5 милијарди години, во карпи во Австралија.

 

Научниците ги откриле потенцијално најстарите знаци на живот на Земјата – траги од микроби стари 3,5 милијарди години, во пуста област во северозападна Австралија.
Докази за сложен микробиолошки екосистем се пронајдени во седиментните карпи во областа Пилбара, која содржи некои од најстарите формации на карпи во светот.
Еден од истражувачите, Дејвид Вејси од Универзитетот на Западна Австралија, вели дека новооткриените докази за бактерии „се можеби најстарите знаци на живот на Земјата”.
„Имавме многу докази за живот од пред 3,4 и 3,43 милијарди години, а ова ја турка границата уште поназад”, изјавил тој за британски Телеграф.
„Има малку постари траги на живот во карпи во Гренланд – но тие карпи се толку деформирани што е многу тешко да се каже дали она што го гледате всушност било таму. Кај овие микробиолошки системи во Пилбара може да ги види овие работи и директно таму, и под микроскоп. Може да го видите соодносот на бактериите со седиментот во кој живееле.”
Професорот Вејси вели дека веќе не е можно да се видат самите клетки, но научниците откриле траги што ги оставиле големите групи микроби. Овие траги биле откриени во составот на карпа наречена Дресер, во близина на градот Порт Хедланд.

„Не ги гледаме самите микроби, туку големи структури што микробите ги изградиле пред да изумрат”, вели тој.
„Гледаме реси и набори и – кога ќе ги погледнеме низ микроскоп – гледаме нишки испреплетени во песочни зрна. Исто така гледаме органски материјал, кој всушност се самите микроби, но тие се распаднати до тој степен што не можеме да ја видиме самата клетка. Гледате само маса од материјал богат со јаглерод.”
Тим научници од Австралија и од САД веруваат дека овие наоди може да помогнат во потрагата по живот на други планети.
„Ќе знаеме што да бараме во потрагата по живот на други места”, вели професорот Вејси.
„Вакви испреплетени микроби може да види роверот на Марс… Ова исто така ни помага да разбереме кога животот првпат еволуирал и во каков вид животна средина еволуирал и да ги означиме точните датуми на некои прилично важни настани. На крајот на краиштата, ние сме во потрага по времето кога таа супа од хемикалии станала нешто што може да се нарече живот.”

Останати вести