Проневера на 862,045 евра при набавка на опрема за прислушување од Британија

СЈО ГО ОБЈАВИ СЛУЧАЈОТ “ТРЕЗОР”:
Ова е прв предмет од економскиот криминал кој е произлезен од прислушуваните материјали. Крунски сведок во оваа истрага бил покојниот Коста Крпач, кој обезбедил информации за овој и за други предмети, истакна обвинителката Ленче Ристовска.

Три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице од МВР се товарат за злоупотреба при набавка на опрема за телекомуникација од Велика Британија при што се проневерени државни пари во вкупна висина од 862.045 евра. Злоупотребата е направена во корист на правното лице “Финзи” дооел Скопје.
Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференција посебно нагласи дека поради презумпцијата на невиност секој од инволвираните се третира како невин додека со правосилна судска пресуда не биде докажано поинаку.
Според доказите прибавени во предистражната постапка, донесена е наредба за отворање на истрага која СЈО ќе ја води под името “Трезор”, објави Фетаи.
“Парите и вистината се како шило, кој ги злоупотребил ќе седне на обвинителна клупа и ќе ги врати”, порача обвинителката Фетаи и најави дека од судот ќе бараат на еден осомничен да му биде одреден притвор, а на останатите тројца да им бидат одземени пасошите.
Потоа го претстави случајот поделен хронолошки во две фази.
Во првата фаза – од јули 2010 до крајот на 2012 година – првоосомничените три лица со злоупотреба на службената позиција и нанеле штета на РМ во вредност од 577 илјади евра, а во корист на фирмата “Финзи” дооел. Четвртоосомниченото лице (кое е и сведок) им помогнало на другите во намерата.
Според доказите, првите тројца осомничени во име на УБК престојувале во Велика Британија во месец јули 2010 каде со тамошна фирма договориле набавка на електронска и комуникациска опрема и обука за нејзина примена – за потребите на Петтата управа на МВР (оперативна техника). Четвртоосомничениот учествувал во оформувањето на техничките спецификации на потребната опрема.
Тука започнува шемата. Наместо опремата да биде директно набавена од фирмата од Велика Британија, како најекономичен начин, тројцата првоосомничени се договараат да ја вклучат фирмата “Финзи” како посредник. Односно опремата ја плаќаат на оваа македонска фирма која им фактурира
Управител на “Финзи” од 19.08.2009 до 03.02.2011 било лице во крвно сродство со третоосомничениот. Во целиот тој период до зделката со МВР оваа фирма немала никаква друга активност освен што во еден момент ја зголемила својата вредност за 650 илјади евра паричен влог кои потоа ги вложила во фирмата Систина Финзи Кардиологија (СиФиКар). Парите се дојдени од Финзи-САД (американската мајка на македонската фирма).
Договорот помеѓу МВР (УБК) и “Финзи” е склучен на 26 ноември 2010, само 2 дена откако МВР се обратило до Финзи за да ја овозможи набавката од Велика Британија. Фактурата што “Финзи” ја испорачало (и ја наплатило) на МВР за конкретната опремата била за 362 илјади евра повисока од фактурата што “Финзи” ја платила кон производителот во Британија. Тоа е евидентно од влезните и излезните фактури на “Финзи”, рече обвинителката Фетаи.
Кон крајот на 2011 година, прво и второсомничените усно му наредиле на четвртоосомничениот (и сведок) дека УБК има потреба од набавка на дополнителна опрема од истиот британски производител преку фирмата “Финзи”. Сега директор на “Финзи” веќе е Коста Крпач кој со четвртоосомничениот (во име на МВР) потпишале анекс-договор а фактурата изнесувала 577 илјади евра – што МВР ја платило во целост.
Во јули месец 2012 година, МВР повторно со “Финзи” потпишува втор анекс-договор, за доопремување на подвижната видео-опрема. Фактурата изнесува 281 илјада евра, МВР ја плаќа.
Разликата во набавната и продажната вредност што ја остварила “Финзи” при овие два анекса е 215 илјади евра – сума за која осомничените го оштетиле буџетот на РМ, рече обвинителката Фетаи.
Во втората фаза – од март 2015 до декември 2015 склучен е уште еден анекс на договорот за британската опрема за прислушување, сега за наводно нејзино одржување, иако таа опрема веќе била застарена и нефункционална, а сите лиценци за неа биле истечени. Договорот во име на МВР го потпишал четвртоосомничениот а за “Финзи” директорот Коста Крпач. Според книговодствената евиденција на МВР опремата вредела 1 денар (!?) а за нејзино одржување било дооговорено да се плаќал по 31.600 евра месечно !? “Финзи” доставил до МВР сертификат за овластување од британската фирма, иако според доказите такво нешто фирмата од Велика Британија никогаш не издала – односно се работи за фалсификат! Договорот е раскинат од страна на МВР веднаш по смртта на директорот на “Финзи” Коста Крпач, а до тој миг биле исплатени 285 илјади евра за услуга која ниту е извршена ниту имало потреба од неа.
Опремата набавена од Велика Британија а која се книговодствено се води во МВР со вредност од 1 денар не е уништена, изјави обвинителката и протпарол на СЈО Ленче Ристова.
За тројца осомничени Специјалното обвинителство побара од Судот да им се одземат пасошите, а за едно да се одреди мерка притвор. Сметката на “Финзи” – Скопје Обвинителството бара од Судот да биде блокирана.

“Вест”, “телеграф”…: зачуденост од извртените изјави

Провладините медиуми во земјата со часови имаа потреба за да “ја сварат” прес-конференцијата на СЈО. И за да добијат инструкции како да се постават. Како да беа во шок за подоцна да тврдат дека СЈО е “контрадикторно и се базира на претпоставки”, дека “нема докази оти осомничените ќариле од зделките”, потоа дека “никој не оспорил оти УБК има право да набави таква опрема и по која цена на чинење” и завршуваат со тезата “набавката била изведена законски и нема ништо лошо во тоа што една фирма направила бизнис”.
“Според извори во МВР, освен дискфалификација на осомничените, со ова се фрла дамка на целата служба. Извори од МВР велат дека СЈО направило уште една правно недозволива грешка. Обвинителките го откриле идентитетот на сведокот, за кого јавно кажаа дека ја реализирал јавната набавка од име на МВР. Во МВР гласно се говори за идентитетот на сведокот и тој во разговор со колеги неофицијално им кажал дека во дадениот исказ за СЈО никаде не стоело оти некој му наредил или му наложил што било, велат изворите кои тврдат дека поголем број вработени од УБК имале обука во Македонија и во странство во времетраење од десетина дена” – објавија провладините медуми во земјата.

Останати вести