Со низа манифестации 2 Август, националниот празник на Македонија Илинден 1903-1944, беше одбележан и од македонската заедница во Австралија.
Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија, во неделата, организираше централна прослава во чест на големиот национален празник “Илинден” пред споменикот на Гоце Делчев во Епинг. Прославата започна со литургија на отец Климент Станковски во МПЦ “Св. Ѓорги”, а потоа пред споменикот одржа панахида за паднатите борци.
Програмата ја водеше Васко Настевски, а пригоден говор за значењето на Илинден одржа претседателот на општината за Мелбурн и Викторија Мирчо Ангеловски. Следеше положување на венци на бистата на великанот Гоце Делчев од: Конзулатот на Република Македонија со заменичката Радмила Стојмировска, Кристин Фајфи, претставник на опозиционата либерална партија, пратеничката за Томастаун Бронвин Хафпени, потоа следеа претставници од Успение на Пресвета Богородица од Сиднам, Јанко Калинчев во името на Децата Бегалци, АМКЧП, Бале Черговски од КУД Светлост, Џорџ Нолис за пензионерите при МПО Св. Ѓорги, Коста Колевски во името на ФОМКУД итн..
Одбележувањето на празникот продолжи во Херитиџ рецепција, каде за присутните беше приреден свечен ручек. За музиката и веселото расположение се погрижија Стево и Џулиус од групата “Рум Дум Дум”.







