Во саботата во прекрасен амбиент беше прославен големиот јубилеј на Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ (МПУО), кој е формиран во далечната 1978 година.
МПУО е непрофитна организација која се грижи за изучување на македонскиот јазик во Нов Јужен Велс веќе 40 години. Благодарение на вредните активисти македонскиот јазик им е достапен на илјадници Македончиња, чии што родители неуморно ги носат да го изучуваат македонскиот јазик и македонската култура.
Воедно беше прославена и матурската вечер на учениците од 12–та година што го изучуваа македонскиот јазик. Им посакуваме успех во понатамошниот живот на студентите по македонски нивна понатамошна инволвираност во македонската заедница.
Тука беше и МКУД Илинден, нашиот амбасадор на културата за да ја збогати прославата.
Честитка на плејадата активисти од првиот претседател Перо Кикереков, по него беа: Тоде Кабровски, кој 25 години го водеше Одборот, Ѓорги Ѓоргиев, Цвета Чумковска, Зора Јанева и Жаклина Михајлова, која е актуелен Претседател на Одборот. Заслужни се и сите други членови на Одборот, кои низ текот на годините имаа разни задачи како членови на школските одбори и многу други пријатели на македонскиот јазик. Под закрилото на МПУО работат сите етнички училишта во НЈВ, а се води грижа и за редовните основни и средни училишта каде што се изучува македонскиот јазик. Одборот ја координира работата на училиштата, ги вработува и доедуцира на специјални семинари учителите, се грижи за афирмирање и промоција на училиштата, за зголемување на бројот на учениците.