По традиција и оваа година во Рокдаел се организираше одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија.
На Кинг Стрит, или како што е популарно наречена од Македонците во Сиднеј – “Широк сокак”, се славеше цел ден. Во забавниот дел на програмата настапија културно-уметничките друштва од Нов Јужен Велс со сплетови од сите делови на Македонија, како и македонската естрада со изворни македонски песни, а специјални гости беа Татјана Лазаревска и Новица Василевски. Забележителен настап имаше Македонското културно уметничко друштво “Илинден” од Рокдаел.
Пред Македонците кои дојдоа на оваа прослава поздравен говор одржа и амбасадорот Веле Трпевски, кој за оваа пригода допатува од Канбера. Тој официјално на јарболот го подигна македонското државно знаме, во присуство на бројни гости од јавниот и политички живот на Австралија.




