Прослава по повод дваесет и пет годишнината од изучувањето на македонскиот јазик

На 25 октомври, во вторникот, во училиштето Epping Secondary College, се одржа т.н. Македонски ден. На овој ден учениците, што го изучуваат македонскиот јазик, имаа можност да учествуваат во активности со кои одбележаа неколку значајни настани.

Еден од нив беше натпреварот во поезија и рецитирање, што се одржува веќе петта година по ред, а го носи името на познатиот македонски поет Кочо Рацин. На овој натпревар зедоа учество 29 ученици од 7 до 9 година. Првото место и припадна на Ана Лазаревска од 7 одделение за рецитирање на поемата „Училиште” на која што е самата автор. Честитки за Ана и за сите натпреварувачи кои вложија максимални напори да ги научат песните напамет и да ги рецитираат пред оценувачите Весна Дамчевска и Виолета Јовановска.
Интергенерациската сред­ба, што се оствари со посетата на пензионерската група од Мил Парк, беше уште еден многу значаен настан. Учениците имаа можност да разговараат со постарите, да прашуваат и да одговараат на прашања, да играат дама, да готват, да плетат и везат, со други зборови да научат повеќе за животот во Македонија пред повеќе години.
Потоа следуваше приредбата со која се одбележа 25-годишнината од изучувањето на македонскиот јазик во училиштето. Како гости беа поканети поранешни наставници кои предавале македонски јазик во ова училиште и кои ги поставиле темелите на македонската програма: Кире Станковски, Сузан Андреевски, Лили Поповска и Мирјана Андовска. Исто така гости беа и Тони Тодоровски, Јованка Смелевска, како и родители кои сега или порано давале свој придонес во зачувувањето на програмата. Средбата беше емотивна за повеќето наставници. Воведувањето на јазичните програми е тешко, а одржувањето е уште потешко. Навистина вакви средби остануваат долго во сеќавање. Ваквите спомени и сеќавања предизвикаа солзи кај сите присутни. Програмата беше организирана од учениците Локлин Ставревски, Лука Гинин и Стефан Николовски од 9 година и Сара Стојоска и Натали Чуруковска од 10 година. Честитки за сите нив.
Денес во средното училиште Епинг македонскиот јазик го изучуваат 120 ученици. Покрај учениците од македонско потекло, интерес кон јазикот покажуваат и учениците од другите националности. Благодарение на трудот што се вложил во минатото и што постојано се вложува многу ученици имаат можност не само да се запознаат со јазикот како дел од нивниот идентитет или да ги збогатат своите знаење со македонската култура и традиција.

Гордана Јанинска
наставник по македонски јазик
Epping Secondary College

Останати вести