Основното училиште ,,Лајло Норт“ со прослава за „8ми Септември“

Основното училиште „Лај­ло Норт” е лоцирано во населбата Лајло, во северниот дел на Мелбурн.

Тоа е државно училиште со долга образовна традиција и висок углед и едно од 12-те училишта со двојазична наставна програма во Викторија. Така, принципот на мултикултура со кој Австралија се гордее се афирмира уште на првиот чекор на образовната скала, со тоа што во овие училишта наставата се изведува напоредно на англиски и на некој од јазиците на побројните етнички заедници.
Минатиот петок беше одржана прослава во чест на Денот на независноста на Македонија. По интонирањето на химните на Австралија и Македонија, учениците од шесто одделение Стефани, Кристофер и Анџелина прочитаа краток реферат за празникот Денот на независноста на Македонија. Пред насобраните родители 93 ученици од сите паралелки што го изучуваат македонскиот јазик од прво до шесто одделение настапија со свечената програма од песни и драми која ја приготвиле под будното око на нивните учителки.
Важно е да се напомене дека во основното училиште „Лајло Норт”, почнувајќи од 1984 година, наставата се изведува напоредно на англиски и на македонски јазик.
Со други зборови, учениците почнувајќи од подготвителната паралелка до шесто одделение, учат да читаат, да пишуваат, да собираат, да делат, да пеат и.., и на англиски и на македонски јазик.
Оваа учебна година во македонско-англиските паралелки во „Лајло Норт” има над 90 ученици, а наставничкиот кадар го чинат: Мирјана Андовска, координатор на програмата и наставничка по македонски јазик, Јованка Смилевска, наставничка по македонски јазик, Елизабет Георгиевски, Елизабет Кантаровски и Џанин Мекдоналд, наставнички по англиски јазик, две асистентки, Елизабета Поповски и Виолета Робевска, кои им помагаат на учениците, а исто така преведуваат и подготвуваат наставни материјали и асистентките за интегрирана настава, Мери Јолевски, Нарел Јазган и Филиз Каракаја кои им помагаат на децата со посебни потреби. Директорка на ОУ „Лајло Норт” е госпоѓата Клер Рид која ја поддржува и промовира Македонската двојазична програма, а заменик директор е господинот Стјуарт Дод.
Англиско-македонската двојазична програма при ОУ ,,Лајло Норт” има огромно значење за македонската заедница во Мелбурн. Наставата реализирана на македонски литературен јазик во ова училиште не само што придонесува да се негува говорната култура и писменоста на учениците, туку и да се одржи нивниот идентитет, културно наследство и традиции.

Останати вести