Проштална средба на австралиската амбасадорка Стјуарт во Македонија

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров имаше средба со нерезидентната амбасадорка на Австралија во Македонија, Рут Стјуарт.

Вицепремиерот Димитров ѝ се заблагодарил на австралиската амбасадорка во заминување за нејзината принципиелна и посветена работа во насока на промовирање и збогатување на пријателството и соработката меѓу Македонија и Австралија, грижата за македонската дијаспора, како и придонесот за развој на споделените вредности.
– Демократските вредности и стремежи кон еднаквост, слобода и достоинство кои што ги делиме на билатерален план, нé сплотуваат и создаваат општествена поврзаност меѓу нас. Австралија е најуспешниот пример за мултикултурализам и промовирање на концептот на праведна шанса без оглед на културолошкото и јазично потекло, каде различностите се слават како најголеми придобивки. Македонија иако мала, отсекогаш била доволно голема за да ги обедини и да ги акомодира различностите и има заслужено место во европското семејство. Горди сме што нашата посветеност за негување на добри односи, градење внатрешна кохезија и владеење на правото, се препознаени не само регионално и во Европа, туку и на другите континенти, стои во соопштението.
Амбасадорката Стјуард елаборирајќи ги постигнувањата за време на нејзиниот мандат, ги истакна одлучните и зрели чекори на Македонија за постигнување напредок во евроинтегративниот процес, како и подобрување на животот на македонските граѓани.
– Зајакнувањето на демократските институции и реформскиот процес во клучните области како што се владеењето на правото и борбата против корупција, се во насока на обезбедување стабилност, просперитет и благосостојба на државата и регионот, но се многу важни и за привлекување на интересот на австралиските компании за инвестирање во Македонија и унапредување на билатералната и мултилатерална политичка, економска и културна соработка, рекла Амбасадорката Стјуард.
Негувањето на врските со дијаспората која е меѓу најбројните заедници во Австралија може да ги унапреди можностите за соработка на економски план, но и во образованието, туризмот, културата и други области од взаемен интерес за двете земји, се наведува во соопштението.
Амбасадорката Стјуарт констатираше дека пандемијата имаше влијание врз интензитетот на меѓусебната билатерална комуникација и изрази сочувство до граѓаните кои загубиле членови на своите семејства од вирусот Ковид-19. Истовремено, таа се заблагодари за поддршката на Република Македонија за Австралија и нејзиното справување со пожарите во 2020 година, што е уште еден доказ дека иако земјите се географски оддалечени, истото не ги спречува меѓусебно да соработуваат, особено ако споделуваат заеднички вредности.
Таа ја поздрави иницијативата на студенти од Република Македонија да студираат и да го оформуваат своето образование во Австралија, со надеж дека таа бројка ќе се зголемува во иднина. На крајот, ја повтори поддршката на Австралија за сега веќе оствареното членство на Република Македонија во НАТО и за очекуваното идно членство во Европската унија.

Останати вести