Италија го протерала кумановецот Реџеп Лимани (49), кој таму што живеел 18 години, поради поддршка и поврзаност со доктрината на терористичката ИСИЛ, јавуваат тамошните медиуми.
Лимани е еден од 67 странци кои во последно време се протерани од Италија поради сомневање дека се поврзани со терористичка организација.
Лимани, кој е роден во Отља, живеел во Езелини, општина во провинцијата Тревизо. Тој е првиот странец протеран годинава од Италија. Според истрагата на италијанската полиција, Лимани, кој бил член на исламското културно здружение „Влазрија”, од 2014 година воспоставил контакти со повеќе лица од балканските земји, а кои биле поврзани со радикалниот ислам. – Италија е држава што ги почитува принципите на гостопримство за луѓето што бегаат од војна и прогони, но истовремено сме и земја што ги спроведува сопствените закони и правила, па затоа оние што не ги почитуваат или дури покажуваат непријателско расположение кон нашата традиција ќе ги исфрлиме од Италија. Тоа е нашата линија – изјавил министерот за внатрешни работи Анџелино Алфано. Тој е потписник на решенијата за протерување на странците поради тероризам. Според него, линијата, која е воспоставена во минатото, е за да се испратат од Италија оние на кои не може да им се суди за специфично кривично дело, но кои претставуваат опасност поради радикални позиции. – Истрагата на РОС (специјална единица на карабиниерите за борба против организираниот криминал и тероризам) покажала дека тој станал дел од групата осомничени од Балкано,т кои биле приврзаници на ригидните диктати на салафистичката доктрина. Лимани покажал евидентни докази на радикализација, со драстични промени во однесувањето спротивно на западните обичаи, па дури и во естетска смисла – рекол Алфано. Доказ повеќе за неговите радикални ставови, смета првиот италијански полицаец, било неговото одбивање како член на исламското културно здружение „Влазрија”, во кое членувал од 2012 година, да се приклучи на иницијативата на повеќе муслимански здруженија за заедничка изјава на солидарност со жртвите од терористичкиот напад во Париз од 13 ноември лани. – По крвавите напади во Франција, неговиот син, пак, во училиште коментирал дека „припадниците на ИД добро направиле што убивале и оти тие набрзо ќе стигнат во Рим за да го убијат Папата”. „Да живее ИД”, рекло детето. Професорот на чиј час малолетникот ги кажал овие зборови веднаш го пријавил случајот во полиција – рекол Алфано. Лимани минатата среда бил приведен во полицискиот комесаријат каде што живеел, му бил даден налог за протерување, по што бил транспортиран до аеродромот во Венеција каде што го качиле на авион за Македонија. Неговата сопруга и децата, четири ќерки и син на возраст од една до 12 години остануваат во Италија. Лимани со години работел во локалната фабрика за амбалажа, каде што работел и таткото на Лофти Kедири Соња, Тунижанка, која во јануари лани го напуштила семејството и заминала за Сирија, каде што се приклучила на ИСИЛ.
(“Дневник”)
Сонародниците муслимани изненадени и исплашени
Според Самир Пајазитовски, претседател на исламското здружение “Влазримија”, Лимани бил чесен работник, посветен само на семејството и религиските убедувања. Во гратчето во кое живеат само 7.000 луѓе, Лимани им бил познат само на сонародниците. Тие живеат во блок станбени згради во чија непосредна близина се и канцелариите на здружението, каде Лимани пет пати дневно се молел градската џамија. – Реџеп со години носеше брада, а неговата сопруга редовно носи марама преку лицето кога е надвор од дома. Тој е чесен човек. Сите сме изненадени за тоа што му се случи, но и загрижени. Ако е потребно толку малку за да го протераат од земјата во која работиме и добро се однесуваме со години, сите сме во опасност – вели Пајазитовски. Според него, изјавата што ја дал осумгодишниот син на Лимани во која го величи ИСИЛ и му се заканува на Папата не ја чул од таткото, туку од друго дете во училиштето или на телевизија. – Тој само ја повторувал реченицата затоа што е дете, а децата тоа го прават – рекол Пајазитовски.