Во Австралија и во светот се организираат мирни протести во одбрана на нашите човекови права и за зачувување на македонскиот јазик, идентитет и државност.
Така ви пренесуваме слики и дел од атмосферата од минатава недела кога се одржа собир пред Амбасадата на Република Македонија во Канбера на адреса 25 Cobbadah Street, O’Malley ACT.
Со овој протест под мотото „НИЕ сме Македонија”, се искажа револтот во дијаспората од понижувачките преговори за нашето уставно име, Република Македонија, како и за спротиставување на нападите врз македонскиот идентитет, јазик и нашата култура и историја.
Автобуси пристигнаа организираано од Сиднеј и Волонгонг, а имаше и многу присутни од Мелбурн кои дојдоа организирано со коли. Говорниците пратија силна порака дека не смее да се тргува со идентитетот, јазикот и името на нацијата. Притоа на бината се изјави дека доколку се направи било каква штетна остапка ќе биде прогласена амбасадата и конзулатот на Република Македонија за непожелни и нема да се има никаква соработка.
Продолжува да се вжештува атмосферата како што се наближува времето за главните протести низ Австралија што се најавени за недела, на 4ти март 2018 година, кога се закажани демонстрации во центарот на Мелбурн, Сиднеј и Перт.
На истиот ден ќе се одржат повеќе протести како низ Австралија така и во Америка, Канада, Нов Зеланд и Европа, во знак на солидарност и македонско национално единство.
Сите оние што ја сакаат Македонија, треба да бидат на овие протести и да се дел од оваа светска иницијатива во одбрана на нашите човекови права, на нашето македонско име, нашиот македонски идентитет и јазик.



