Петнаесетина повредени (од кои половината полицајци), 26 приведени (повеќето пуштени по записник во полициска станица, од кои шетстмина малолетници) е билансот од протестот што пред македонското Собрание вечерта (недела, 17 јуни) по потпишувањето на Спогодбата со Грција.
Минатата седмица секој ден имаше протести и улицата пред македонскиот парламент беше блокирана. Но, по овој протест повеќе нема ништо да биде исто: мирниот народ кој сака да негодува и да се спротивстави на преименувањето на државата ќе се воздржува од доаѓање пред Собранието, насилниците од групата “Комити” нема да бидат гледани како добронамерни патриоти а мнозинството во македонскиот парламент ќе си ја истера агендата.
“Комитите” од глупост или од “намештаљка” (се зборува дека наводно имало подметнати провокатори од МВР) со хулиганското напаѓање – фрлање камења, парчиња бетон и факли кон кордонот полиција – предизвикаа толку жестока реакција на “желките” (antiriot) што сега обичниот човек трипати ќе помисли пред да излезе на протест со овие водачи.
Реакцијата на полицијата несомнено беше непропорционална и надвор од процедурите за вакви случаи. Раководителите од МВР тврдат дека проценката била донесена според ситуацијата, на самото место и дека била предизвикана од големот број повредени полицајци. “Нема да дозволиме да се случи нов 27 април”, рекоа од МВР. Но нивната реакција на потиснување и употребата на шок бомби и солзавец ги зафати сите присутни на протестот, а најмногу оние кои не беа виновни за ништо. Според снимките и сведочењата биле испукани скоро 30 шок-бомби. Освен што имаат цел да зашеметуваат и оглувуваат, шок-бомбите предизвикуваат изгореници кај оние кои ќе се најдат веднаш до нив кога експлодираат. На овој начин беа повредени 5 цивили, невини учесници на протестот.
Полицијата се вади дека нејзината жестока реакција дошла и како последица на хулиганското однесување пред протестот. Имено, на доаѓање на протестот насилнички групи запалиле е комбе кај хотелот “Холидеј ин” а на плоштадот Македонија со камења и навиваки факли ги нападнале луѓето кои седеле во “Пелистер” и “Тренд” со повиците: “Зошто седите тука, треба да сте на протест”!
Повици за сталоженост и смирување
Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска прва се јави со осуда на насилствата при протестот во неделата, но таа мислеше првенствени на хулиганството од страната на демонстрантите. Се огласија и од страна на МВР и од Владата со повик да се смират духовите и секое натамошно протестирање да биде мирно и без насилство врз полицијата.
Хелсиншкиот комитет за Македонија ги осуди насилниците меѓу демонстрантите и побара истрага за постапувањето на полицијата. Со ист таков апел се произнесе и Обединетата македонска дијаспора. Од ОМД сметаат дека треба да се направи национално помирување преку одржување на дебати на кои учени луѓе ќе ги спротивстават аргументите за и против договорот со Грција.
Од Јавното обвинителство објавија дека ќе се истражи учеството на секој уапсен поединец (заедно со оние 10 уапсени од пред една недела сега се вкупно 26 во притвор), а преку прегледување на видео-камерите од Собранието и од околните објекти ќе се бараат и други насилници.


