„Од нас се бара нешто што никогаш никому не му се случило – да ја видиме смртта на својот народ во текот на нашиот живот”!?
Неколку илјади граѓани во Скопје и десетици илјади други во уште петнаесетина градови во иселеништвото на 4 март учествуваа во координираните протести за зачувување на името Македонија. Главното барање беше напуштање на преговорите со Грција за името, но се побара и повлекување на законот за двојазичност, раскинување на договорот со Бугарија и ослободување на патриотите кои се неправедно и политички притворени.
Актерката Арна Шијак, која беше една од водителките на манифестацијата, рече дека името, идентитетот, јазикот, црквата, историјата, традицијата, културата и националниот интерес не може да бидат предмет на залог.
“Бараме да ги прекинете преговорите со посредство на Метју Нимиц и да се обратите до Генералното собрание на ОН, како единствена меѓународна истанца во која Република Македонија е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име. Да се стави крај на употребата на референцата и да се донесе резолуција на Генералното собрание на ОН со која на Република Македонија би и се гарантирал непречен прием во меѓународни организации под уставното име… Ниту ЕУ, ниту НАТО не се волшебен портал за пребег во друга димензија. Наметнатото лудачки брзо темпо по секоја цена да влеземе во клубот на веќе презрената европска криминогена бирократија и нималку нужните воени сојузи, само на наивниот или на злонамерниот може да му звучи добронамерно и исправно… Да се стави крај на референцата… наместо да ѝ давате приоритет на надворешната политика што ја водите по диктат, обрнете внимание внатре. Нитуедна меѓународна инстанца нема да ни ја заврши нашата домашна задача. Убедете ја ЕУ дека имаме капацитет за членство со тоа што ќе ги завршиме работите внатре”, порача актерката Арна Шијак.
Актерката Камка Тоциновски, пак, рече дека власта треба да престане со пропагандата оти имало национален консензус и дека преговорите се водат само за промена на името на државата.
„Од нас се бара нешто што никогаш никому не му се случило – да ја видиме смртта на својот народ во текот на нашиот живот”, рече таа.
Учесниците на протестот побараа и организирање предвремени парламентарни избори.
Во ист ден координирано имаше протести на Македонците и во светот:Мелбурн, Сиднеј, Перт и Бризбејн (Австралија), Франкфурт (Германија), Малме (Шведска), Вашингтон (САД), Оукленд (Нов Зеланд), Хаг (Холандија), Лондон (Велика Британија), Крањ (Словенија), Валета (Малта), Канали (Италија) и Прага (Чешка).
Грчките телевизии во своите централни изданија на вестите акцентот во прилозите го ставија на протестите што ги организираше македонската дијаспора во Австралија. Тие беа најмасовни.