Пристаништата затворени, патиштата блокирани, пензионерите се грабаат за корка леб

Протестите и штрајковите во Грција против реформите на пензискиот систем не попуштаат. Сопрени се службите во грчките пристаништа, патиштата се блокирани, а солидарност со разочараните пензионери покажале и уличните продавачи, кои бесплатно им делат овошје и зеленчук. 

Во протестите учествуваат и грчките земјоделци, гневни поради ниските цени на производите кои им ги наметна владата на Ципрас во ракми на реформите за „стегање на ременот”. Тие со своите трактори ги блокираат улиците и автопатите низ Грција.
На штрајкот му се придружија и пристанишните синдикати, а и работниците на траектите најавија дека нема да работат.
Во големите протести учествуваат и претставници на Комунистичката партија на Грција, кои го нападнаа премиерот Алексис Ципрас, нарекувајќи го „предавник на принципите на левицата”.
Сепак, најголемо внимание предизвика гестот на уличните продавачи и сопственици на пиљари, кои на пензионерите им делеа бесплатно овошје и зеленчук, како знак на солидарност со нивните проблеми.
Левичарската влада на Ципрас наиде на голем отпор на реформите на кои инсистираа меѓународните кредитори, а кои предвидуваат милиони работници да плаќаат поголеми придонеси.
И самиот Ципрас го бранеше воведувањето на непопуларните реформи, истакнувајќи дека „пензискиот систем ќе доживее колапс доколку не се воведе штедењето”.
Ципрас гарантираше дека пензиите, кои константно се намалуваат од почетокот на кризата, нема дополнително да се намалуваат.
На протестите им се придружија и адвокатите, лекарите, полицијата и рибарите, кои истакнуваат дека реформите ја водат земјата во „ропство и сиромаштија”.
Опозицискиот лидер Киријакос Мицотакис изјави дека сегашната влада „ги жртвува идните генерации за денес да добие трошка популарност кај европските газди”, и го предупреди парламентот дека мерките на штедење ќе предизвикаат контраефекти, и дека се повеќе луѓе ќе затајуваат данок за да преживеат.

Останати вести