Во Нормандија македонска изложба за стогодишнината од Првата светска војна

Франција на 101 фотографија на Манаки ќе ги види страдањата на Македонскиот фронт

Страдањата во Првата светска војна на Македонскиот фронт ќе бидат прикажани преку сто и една фотографија на браќата Милтон и Јанаки Манаки на изложбата што е биде отворена во Меморијалниот дом во градот Kаен во Франција. Автор на изложбата е фотографот Роберт Јанкулоски, директор на Македонскиот центар за фотографија, кој 20 години го истражува творештвото на браќата Манаки. Изложбата ќе трае до 18 септември.
– Француската јавност ќе може да се запознае со животот на граѓаните на Битола во периодот на Првата светска војна, но и да откријат нешто за француските војници, што не може да се најде во архивите на француското министерство за одбрана и во фотографиите на наследниците поради исклучителните фотографии на браќата Манаки – вели Лоранс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија.
Изложбата, според Оер, има две цели – да биде омаж за Македонија поради страдањата во Првата светска војна и да ги покаже силните врски со Франција, но и да развие туризам на сеќавања – да ги поттикне Французите да ги посетат местата на кои некогаш се бореле нивните предци.

Ќе иницира низа сеќавања

– Благодарение на тие фотографии ќе можеме да ги најдеме наследниците на војниците кои некогаш се бореле на Македонскиот фронт и да иницираме цела низа сеќавања. Преку фотографиите сакаме повторно да им дадеме живот на војниците, но и во Франција да фрлиме светло на земјата во која биле, да ја покажеме нераскинливата врска која н’ спојувала тогаш и која продолжува да не поврзува и денес – рече Оер.
Изложбата, нагласи амбасадорката, ќе биде досега највидливото присуство на културно-историското наследство на Македонија во Франција. Меморијалниот дом во Kаен е најголем меморијал посветен на мирот во Франција, а годишно има околу 300,000 посетители.

Дваесет години истражување

Изложбата е завршница на речиси 20 години истражување на фотографиите на браќата Манаки, вели директорот на Македонскиот центар за фотографија, Роберт Јанкулоски.
– Таа е дел од поголем проект за заштита, дигитализација и промоција на нивното творештво, во чии рамки ќе биде објавена и репрезентативна монографија со 120 репродуцирани фотографии од нивните први фотозаписи во Јанина во 1898 година, до Втората светска војна, со фотографии на паради на германската и бугарската војска во Битола – вели Јанкулоски.
Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорката на Агенцијата за филм, која е еден од организаторите на изложбата, вели дека идејата се родила во 2014 година кога биле изложени половина од овие фотографии.
– Тогаш Македонија заедно со светот ја одбележуваше стогодишнината од почетокот на Првата светска војна. Тоа беше исклучително значајна изложба. Проектот продолжи со монографија, а со оваа изложба целокупната публика ќе има исклучително доживување – вели Ѓоргоска.

Фотографирани и воведот и последиците од војната

Најстарите фотографии на изложбата се некаде од 1906-1907 година и го прикажуваат периодот пред војната, објаснува Јанкулоски, следуваат фотографии од балканските војни, кои тука биле увертира во Првата светска војна, и фотографии кои ги прикажуваат последиците од војната.
– Тука е периодот од 1922 година кога во Битола се случила катастрофа поголема од таа во војната. Во градот биле складирани муницијата и експлозивите кои биле собирани од фронтот додека траело повоеното чистење на теренот. Во април 1922 година се запалиле околу 400 вагони со муниција и експлозив на битолската железничка станица. Експлозиите траеле една недела. Тогашна „Политика” секој ден објавувала текстови за катастрофата со наслови: „Битола исчезна”, „Градот не постои”… – вели директорот на Македонскиот центар за фотографија.
Меѓу фотографиите има и записи од отворањето на Француските гробишта во Битола во 1923 година, на петгодишнината од крајот на војната, и од отворањето на Спомен-костурницата на Kајмакчалан.
– Две фотографии ми се фаворити. Едната е од француски војник кој се борел на фронтот и се вратил во Битола. Во војната ги изгубил двете нозе и со дрвени нозе се враќа во Битола. Втората е фотографија од жена која позира во студио, во раката држи ваза направена од артилериски патрон. Снимена е во триесеттите години – објаснува Јанкулоски.

(“Дневник”)

Првата светска војна во Македонија траела подолго

Авторот на изложбата, Роберт Јанкулоски, посочи дека Првата светска војна во Македонија траела подолго отколку во другите делови на светот, а увертира биле двете Балкански војни. „Во 1916 и 1917 година Битола била гранатирана при што загинале 508 лица, главно деца, жени и старци, а биле разрушени над 3.000 згради, меѓу кои и фотографското ателје на Манаки. Но сиромаштијата, болестите и гладот Битола најмногу ги почувствувала во 1922 година, кога на 18 април се случила огромна експлозија предизвикана од 400 вагони со муниција чувани на железничката станица. Пожарот од експлозијата траел со денови. Сите овие настани браќата Манаки ги забележале со својата камера, а од овој период (1913-1919) се сочувани 478 стаклени плочи снимени во Битола и 103 плочи снимени во Пловдив (1916-1919)”, рече тој.

Германска коњица го преминува Дрим во Струга

Останати вести