Во московски архив пронајдена првата македонска граматика на руски од 1947 година

Јапонскиот славист Мотоки Номачи, кој ја пронашол изгубената македонска граматика напишана од рускиот професор Самуил Бернштејн, со бистата на Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик

Јапонскиот професор по славистика Мотоки Номачи во Градскиот архив на Москва ја пронашол “Граматиката на македонскиот јазик” напишана од рускиот професор Самуил Борисович Бернштејн, која никогаш не била објавена и се сметала за исчезната 70 години.

Граматиката била нарачана од Презиудиумот на АСНОМ во 1946 година, но откако во 1949 година се влошиле советско-југословенските односи поради резолуцијата на Информационото биро за Југославија, подготвениот слог во печатницата бил растурен и оттогаш му се губи трагата на ракописот.

Професорот на Универзитетот во Хокаидо, Мотоки Номачи, за ова свое откритие говоеше во Македонската академија на науките и уметностите во рамките на Меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ”.

Самуил Бернштејн (1911–1997) е основач на Катедрата за словенска филологија на Универзитетот “Ломоносов” во Москва, Русија, а надворешен член на МАНУ бил од 1969 година. Во 1938 година е меѓу првите научници кој го изделува македонскиот јазик како засебен во јужнословенската група.

Академик Блаже Ристовски во 2014 година објавил статија во Зборникот на Филолошкиот факултет во која наведува податоци за граматиката и дека и се губи трагата:

„Како воспитаник на славистот-македонист Афанасиј Матвеевич Селишчев (1886-1942), младиот руски славист Бернштејн станува и првиот автор на првите енциклопедиски одредници ‘Македония’ и ‘Македонский язык’ во првата Советска енциклопедија (1938) – третирани како одделен геополитички и етнокултурен субјект на словенскиот југ. На 7 декември 1944 година, по сторнирањето на решенијата на Првата јазична комисија, заради конечната кодификација на македонскиот јазик, Президиумот на АСНОМ предлага ‘да се повикат от Москва дваица световно извесни капацитети по славјанска филологија и нај добри познавачи на јазиците на сите балкански народи: Бернштејн и Державин’… Бернштејн воопшто не ја напуштал работата врз македонскиот јазик. На 25 април 1947 год. запишал: ‘Сега мојата главна задача е завршувањето на монографијата ,Македонский язык’. Јас треба да го предадам ракописот во книгоиздателството наесен оваа година. Во центарот на описот на граматиката ќе биде морфологијата. Специјална глава е посветена на анализата на јазикот на Мисирков. Во книгата ќе има читанка и македонско-руски речник кон текстовите на читанката’. Така усилено работејќи, Самуил Борисович на 28 август 1947 год. запишал: ‘Близу е завршувањето на книгата ,Македонский язык’. Завршен е граматичкиот опис на литера­турниот јазик, напишан е воведот, составена е читанката. Целиот обем на кни­гата е 10–12 табаци’. Му останал речникот. На 9 ноември допишал: ‘Седам од утро до доцна над ,Македонский язык”, а на 2 декември додал: ‘Во последно време работам над секоја мера, по 12 часа на ден. Вчера поставив точка на ракописот ,Македонский язык’. Најпосле, на 28 декември тој задоволно соопштува: ‘Вчера за својот, Македонский язык’ добив премија од 4.000 рубли. Ракописот веќе е утврден за печат. За одговорен редактор е назначен С. П. Обнорски’.”

Но бурниот ентузијазам на С. Б. Бернштејн неочекувано е пресечен. Со Резолуцијата за Југославија на Информационото биро нагло се влошуваат советско-југословенските односи и подготвениот слог во печатницата е растурен. Освен фрагментите од оваа книга што се појавија во научната периодика, до денеска тој ракопис остана непознат за јавноста. Дури не се знае ни дали е зачуван и каде се наоѓа. А тоа е многу значаен дел не само од историјата на македонскиот современ стандард, туку и суштествен дел од научно-истражувачкото дело на С. Б. Бернштејн и истовремено важен момент од историјата на руско-македонските научно-културни врски”, пишува академик Ристовски.

Номачи објаснува дека многу бил љубопитен за делото на Бернштејн, како еден од најголемите слависти на 20 век, и бидејќи знаел дека многу се занимавал со македонскиот јазик, а малку има публикации на тема, го интересирало зошто е тоа така. Пред неколку години бил на конференција во Москва и ги замолил колегите од Институтот за славистика во Москва да му помогнат да го најдат ракописот, кој , вели Номачи, би морал да биде објавен во 1949 година. Така, ракописот го нашле во Градскиот архив во Москва.

Номачи пред некоја година го исконтактирал академик Виктор Фридман, американски лингвист и еден од најпознатите македонисти во светот.

„Го прашав дали можеме да ја обработиме таа граматика и да ја објавиме со коментари. Па неодамна почнавме со работа и ќе ја објавиме. Кога во јануари академик Марјан Марјановиќ ме покани да дојдам на конференцијата во Скопје, сфатив дека е одлична можност за говорам за неа пред македонската јавност”, рече професорот Номачи.

Првата македонска граматика е на Кепески

Нема сомневање дека првата македонската граматика е разработена и објавена од страна на нашиот лингвист Круме Кепески веќе во 1946. Подоцна, во 1950 година излегува од печат “Македонскиот правопис” на Блаже Конекси и Крум Тошев.
Овие дела, заедно со “За македонцките работи” на Крсте Мисирков (1903), “Абецедарот” објавен во Атина во 1925, “Речникот од три јазика” од Ѓорѓи Пулевски од 1875 се дел од книгите кои се објавени во дигитална форма на веб-страницата Дигитален архив на македонскиот јазик (damj.manu.edu.mk) подготвена од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) при Македонската академија на науките и уметностите, предводен од академик Марјан Марјановиќ.

Останати вести