„Првата пушка“ во Прилеп отепала Македонец во бугарска униформа!

Каква иронија е тоа што покрај повеќе други атентати врз бугарски полицајци, за ден на востанието се смета убиството на мобилизираниот Македонец од битолско Смилево, кој бил стражар пред прилепскиот участок!? Против окупаторот имало повеќе вооружени акции уште во мај-септември, но за ден на почетокот на организираниот отпор се зема 11 октомври поради тоа што Скопскиот партизански одред (формиран 22 август 1941) бил дело на Методија Шаторов-Шарло а не на Лазар Колишевски.

Македонците очигледно се осудени својата историја да ја осознаваат последни. Таков е и примерот со деталите за отпочнувањето на антифашистичката борба во 1941 година, која на крајот доведе до формирање на оваа македонска држава.
Еве, на кратко, што се случувало во месеците пред “да пукне првата пушка” во Прилеп (и Куманово). Сите знаеме дека во Прилеп вечерта на 11 октомври бил нападнат участокот (полициската станица), а Куманово се спомнува само поради тоа што следниот ден во шума излегол Козјачкиот партизански одред. За да не биде прилепската акција осамена, комунистичката историографија сметала дека е потребно да се придодаде уште еден рад во кој имало некаква активност.
Но, историјата па и веќе одумрените сведоци бележат дека во Македонија имало диверзантски акции пред 11 октомври.
Скопската организација на ПК на комунистичката партија уште на 22 јуни 1941 (кога е нападнат СССР) на состанок во скопско Козле донела одлука за укрупнување на дотогашните диверзантски групи и така е формиран Скопскиот партизански одред кој излегол на Водно (кај Горно Нерези) на 22 август. Отпрво броел 12-13 луѓе. Таа одлука била донесена со решение на тогашниот покраински партиски лидер Методија Шаторов-Шарло. Но комунистите на Југославија немале доверба во него. Веќе во јули го смениле од функцијата и го исклучиле од партијата. Кога тој на 28 август отишол во Скопскиот одред за да се приклучи како обичен партизан, на комесарот Дане Крапчев му стигнало писмо да не го прима. Па дури и да го расформира одредот зашто бил “шарловски”. Немајќи друга алтернатива (во Македонија бил “дистанциран”) Шаторов заминал во Софија каде што била неговата тргодишна ќерка (останата без мајка во февруари 1941). И таму ја продолжил антифашистичката борба.
Оваа скопската партизанска група во почетокот на септември се префрлила на Скопска Црна Гора, каде се криела во една пештера кај селото Чучер и подоцна во манастирот “Благовештение”. Нејзе и се припишуваат диверзантски акции: одземање на еден тон динамит од рудникот за хром Радуша, ги испробале илегално изработените рачни бомби во Скопје, ги испитале објектите на железничката линија во Качаничката Клисура за евентуално минирање, убиле еден шумар и воделе борба со бугарската војска во реонот на Ѓорче Петров.
А до 11 октомври 1941 биле изведени и повеќе други вооружени акции/атентати и тоа:
– на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел,
– истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник,
– на 7 октомври во Скопје членови на Скопскот одред извршиле обид за убиство на агентот Мане Мачков (но Благоја Деспотовски-Шовељ успева само да го рани по што, за да не биде фатен, се самоубива со рачна бомба и притоа ранува двајца полициски агенти),
– а на 8 октомври Трајко Бошкоски-Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.

Како се случило да прославуваме убиство на Македонец од Македонец?

Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој партизанскиот одред “Гоце Делчев” го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941.
Притоа за “пукнување на првата пушка” се смета убиството на стражарот пред прилепскиот полициски участок. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
Акциите се успешни, од страната на партизаните нема повредени и жртви.
Историјата вели дека партизанот чиј истрел се слави на 11 октомври бил Душко Наумоски. Но помалку познато е дека и убиениот стражар бил Македонец – Петар Колев Стамболжиоски од Смилево. Тој само неколку дена порано бил мобилизиран.
како се случило убиството? Имено, татко му на Наумоски бил пријател на стражарот Петар Колев Стамболжиевски. Душко го искористил тоа што се познавале за да му се приближи на Петар и со револверот одблиску ненадејно да стрела. Според информациите од семејството на убиениот смилевец, тој воопшто немал бугарска национална свест, дури неговиот татко бил учесник во Илинденското востание!?
Со оглед на тоа што уште тогаш се знаело кој е убиениот, на комунистичката историографија не и одговарало тоа да се популаризира, па затоа се премолчувало (како и за многу други нешта).
Следниот ден, на 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба и Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред на 17 октомври.
Скопскиот партизански одред не учествувал во овие акции, бидејќи борците не биле известени. Инаку, тој одред бил составен од 42-ца борци, од кои 17 загинале во текот на НОВ. Петмина од нив биле фатени и осудени на смрт со бесење. Одредот се самораспуштил на 2 ноември 1941 година, во пресрет на зимата, кај скопско Злокуќани. Повторно е формиран (како Втор спопски одред) на 17 април 1942.

Останати вести