Прво да се договориме за Цар Самоил, а после ќе дебатираме за Гоце Делчев и Илинден?

Не можете вие да го национализирате свети Климент или свети Наум, или браќата Кирил и Методиј. Тие се христијански просветители, духовни лица на кои не може вие да им дадете националност – вели академик Драги Ѓоргиев.

На 20 и 21 февруари во Скопје се одржува четвртиот состанок на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство.

Директорот на Институтот за национална историја, професорот и академик Драги Ѓоргиев за МИА најави дека ќе се продолжи со работата по темите од Средниот век, пред се за цар Самоил, како и на забелешките на учебниците по историја од V и VI одделение, кои веќе се направени и се разменети меѓу двете страни со цел да се надминат проблематичните толкувања. Според него, целта на Комисијата е сето тоа толкување на минатото од пред илјада и повеќе години да се денационализира, да не им се дава на тие настани и личности национална конотација од современ аспект, односно нашето денешно национално чувство да не се рефлектира 1.000 години наназад, бидејќи објективно такво чувство и не постоело во тоа време.

– Не можете вие да го национализирате свети Климент или свети Наум, или браќата Кирил и Методиј. Тие се христијански просветители, духовни лица на кои не може вие да им дадете националност. Тие дејствувале во одредени држави, во Византија и во Бугарската средновековна држава, меѓутоа нив тоа не ги прави ниту Бугари, ниту Грци, ниту Македонци во современа смисла. Митовите за Кирил и Методиј, за Климент или Наум ги има не само кај Бугарите и Македонците, ами и кај Албанците и Грците. Ние ќе се обидеме да ставиме акцент на таа нивна космополитска тежина. Целта е да им се даде на идните генерации кои ќе учат од бугарските и од македонските учебници идеја за космополитизмот на тие луѓе, за некои општи вредности кои тие пред 10 или 11 века ги оставиле на следните генерации, а не да ги присвојуваме како теснонационални херои. Во таа смисла ќе одат и дискусиите околу учебниците – вели Ѓоргиев.

Смета дека цар Самоил треба да го чествуваме заедно бидејќи, нагласува, тој постои и во меморијата на бугарскиот народ и во меморијата на македонскиот народ, поседува голема симболика во двата историски наративи и традиции поради што може да биде мост на поврзување околу кој треба се согласиме, мост што ги поврзува денешните народи и културите на современите држави на Балканот и особено на Р Македонија и Р Бугарија.

Најголемите проблеми, сепак, според него, треба допрва да се очекуваат во разгледувањето на настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења кои се јавуваат на територијата на Македонија. Протагонистите на овие движења, меѓу другото, за себе кажуваат дека се Бугари, меѓутоа тие дејствуваат на оваа територија, посебно политичките дејци кои се појавуваат подоцна и кои се борат за автономијата на Македонија. Всушност тоа се личности кои пројавуваат политички сепаратизам во однос на Бугарија уште во времето на османлиската држава, меѓутоа во своите мемоари, во своите изјави кажуваат дека се Бугари.

– Тука има сериозни разидувања во двете историографии и повторно, сметам дека без сериозни дискусии, без сериозно толкување на изворите придржувајќи се на академските принципи, и без желба да се погледне храбро во слабостите на сопствените историографии предизвикани, пред се, од политички и идеолошки причини, ние нема да може да дојдеме до решение – посочува Ѓоргиев.

– Не може да се каже за некого дека во тогашната констелација се декларирал како Бугарин и со тоа завршува секаква дискусија. Ако некој може да каже дека Гоце Делчев бил Бугарин, исто толку можам и јас да кажам дека тој е Македонец.

Тој период, подвлекува, ќе биде најмакотрпниот и најдолготрајниот, а секое брзо политичко наметнување на одлуки и решенија ќе не донесе во ќорсокак.

– Она што ние како Комисија од Македонија, па дури и јавноста во Македонија го чувствува, е чувството на триумфализам во Бугарија, дека сега е моментот да се докаже дека Македонците до 1944 г. беа Бугари, а по таа година станаа Македонци. Ако тое е идејата со цел да се наметне еден таков заклучок во кој едната страна ќе се прикаже како победник, тогаш Комисијата нема да има резултати – дециден е директоротот на Институтот за национална историја.

Решението го гледа во критичка анализа на историографските наративи во двете држави и во взаемно почитување на граѓаните и културите на двете држави.

– Според мене, решението, договорот се наоѓа на средина. Не може бугарската страна да очекува дека ние ќе прифатиме се согласно бугарскиот историски национален наратив. Исто така, не можеме ние историјата од 19 и почетокот на 20 век да ја претставуваме како кристално јасна македонска национална историја и да го негираме присуството на бугарското национално и политичко влијание во интелектуалниот и политичкиот македонски сепаратизам. Тоа е перидот кога, всушност, започнува процесот на постепеното и макотрпно издвојување, најпрвин политичко, а потоа и национално на Македонците, на Македонија, на појавата на македонизмот и тоа бугарската страна не може да го негира, како што ние не можеме да тврдиме дека постои континуитет на македонска нација од времето на цар Самоил до денес. Тоа се работите околку кои двете страни треба да се усогласат, да отстапат, да прифатат одредени податоци и толкувања, за да дојдеме до решение кое ќе биде во функција на двете држави, на двата народа за да продолжиме напред, без да бидеме заложници на историјата – вели Ѓоргиев.

Инаку, состаноците на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија се одржуваат наизменично во Бугарија и во Македонија, а ова е втор состанок во Скопје (веќе имаше два во Софија).

Останати вести