Прво градење доверба, а потоа решавање на името

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по вторпат допатува во Скопје, во рамките на проектот за градење мерки на доверба помеѓу Македонија и Грција. Поводот за неговата посета беше обраќањето до Советот на амбасадори на РМ. Вакви предавања пред македонските амбасадори одржале и други минситри за надворешни работи на балкански држави. 

Грчкиот шеф на дипломатијата во Скопје имаше средби со неговиот македонски колега и домаќин Никола Попоски, како и со премиерот Емил Димитриев и со претседателот Ѓорге Иванов.
– Денеска не зборувавме за името, рековме еднаш барем да зборуваме за нашата соработка. Јас се залагам за компромиси, но добри, а не лоши компромиси. Компромис кој ќе не ослободи од затворите на историјата, која не можеме да ја промениме. Мислам дека на мирен начин треба да ги решаваме нашите разлики, што значи дека не треба едниот да се наметне врз другиот. Значи, потребен е компромис со кој ќе се задоволни повеќе страни, рече Коѕиас на заедничката прес-конференција со Никола Попоски.
Црвени линии и при секој компромис, смета тој, мора да има бидејќи во спротивно тој не би бил добар, туку, како што рече, „скапан”.
Попоски, пак, истакна дека фокусот на развивањето на соработката и градењето на довербата е потребен за да се дојде до ниво кога би можело да се разговара за други прашања.
– Името и блокадата се реални, тие се проблем. Во однос на тоа имаме различни ставови и тоа е констатирано во минатото и е факт. Од друга страна, има друга реалност на која може да се влијае, а тоа е создавањето на клима на поголема доверба меѓу двете земји и зголемување на соработката меѓу нас. Тоа го правиме преку мерките за градење доверба и на тоа сме посветени. Доколку има една реалност и таа не може да се промени, а тоа е разликата која постои меѓу нас во однос на спорот за името и чувството дека нашиот пат кон ЕУ и НАТО е попречен поради оваа блокада, можеме да се посветиме на тоа што и де факто сакаме да го постигнеме, а тоа е поголема стабилност, поголем економски просперитет за нас и за нашите држави, истакна Попоски.
Тој смета дека ова може да се постигне и преку членството во НАТО и во ЕУ, но, како што рече, и сега и тогаш тоа ќе зависи од нас.
– На некој начин оваа фаза ја гледаме како наше докажување за капацитет сами да си ги решаваме проблемите, да не седиме со скрстени раце и услови во кои пред да влеземе во ЕУ и НАТО и потоа колку имаме стабилност и економски просперитет ќе обезбедиме зависи од македонските капацитети, а од ничии други. Во овој контекст мислам дека Грција е многу важна, можеби и најважната за градење на економската стабилност и просперитет и затоа најдобро е сами да си бидеме газди на нашата иднина, да си ја креираме и да седнеме и со Грција и со која било друга држава да градиме што е можно повеќе мостови, истакна Попоски и додаде дека тоа треба постојано да се прави.
Во однос на состојбата со политичката криза во Македонија, Коѕиас одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека тоа е внатрешно прашање на земјата и оти улогата на грчката политика не треба да биде да ги храни обидите за криза, туку со политиката да помогне таа да се реши. Најлошо е некој да ја храни кризата од надвор и да не дозволи таа да биде решена, рече шефот на грчката дипломатија. Додаде дека Грција сака да ја види Македонија стабилна, економски силна и нејзиниот народ да живее добро.
Од таа причина, рече, го ставил и ветото против санкциите за Македонија во ЕУ.
Коѕиас оцени дека економските врски меѓу двете земји се развиваат.
– Се договоривме во рамки на мерките за доверба да има контакти меѓу универзитетите, имаме ефективна соработка за соочување со бегалската криза. Во план е изградба на гасовод и нафтовод од пристаништето во Солун и вашата земја. Од големо значење е да се унапреди железничката линија меѓу Флорина (Воден) и Битола. Договорена е соработка во секторот на економија и финансирање и искористување на можноста за преземање заеднички работи од ЕУ, изјави тој.
Попоски, пак, посочи дека од голема важност за Македонија е да се создаде мост на соработка со Грција што ќе ги направи билатералните односи на ниво на кое претходно не биле. Потврди дека било разговарано и за спроведувањето на мерките за градење доверба, како во делот на образованието преку потпишување меморандум за соработка, во делот на енергетика преку воспоставување на директна соработка меѓу компаниите од двете земји, во делот на полициската соработка директните контакти на ниво на погранични служби и министерства за внатрешни работи, како за справување со мигрантската криза и зголемување на комуникацијата меѓу двете земји, додека во делот на инфраструктурата за проширување на железничката врска.
– Мораме прво да работиме на создавање на рамка што ќе ја промени перцепцијата во двете земји. Во Македонија предолго има чувство дека Грција работи на тоа да не нема. Мора да стигнеме во фаза кога ќе чувствуваме дека Грција ни е партнер. Ние сме денес реалност, исто така планираме да останеме тука каде што сме. Мора да го убедиме нашите грчки партнери дека не планираме нив да ги преместиме на друго место. Ако сме согласни дека остануваме тука каде што сме и имаме заеднички интереси најдобриот пат да стигнеме до тоа е овој што го одбравме. Зголемување на довербата преку конкретни мерки. Наша конечна цел е да бидеме и во ЕУ и во НАТО. На овој пат ќе мораме да градиме односи. Да градиме клима во која и ние ќе ги убедиме и тие ќе не убедат дека ова е заедничка цел. Лично сум убеден дека на крајот од патот тоа е во интерес на двете земји, истакна Попоски.
Мерките за доверба, посочи тој, нема автоматски да го решат спорот за името, но тоа е единствениот пат по кој треба да одиме во услови во кои ние си ја креираме судбината. Доволно сме убедени во нашиот капацитет да си креираме подобра иднина и таа иднина планираме да ја креираме заедно со нашите соседи, рече шефот на македонската дипломатија.
Попоски, исто така, изрази благодарност до Грција за тоа што заедно со повеќе европски земји помогна за санирање на последиците од големата временска непогода во Скопскиот регион.

Останати вести