Судењето за “Пуч“ пак одложено, Заев сака спроти него да седне специјалната обвинителка

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на 5 октомври не се појави ниту на третото судење за случајот „Пуч”, каде што е обвинет за насилство врз највисоки претставници на власта, а неговиот адвокат објасни дека Заев ќе почне да се појавува на судење кога обвинението ќе го застапува специјалната јавна обвинителка. 

– Од моментот кога специјалниот јавен обвинител ќе ја преземе надлежноста над предметот, обвинетиот Зоран Заев ќе присуствува на секое судење, рече адвокатот Филип Медарски.
Заев за понеделничното судење примил покана, но како што информираше адвокатот Медарски, тој во исто време договорил средба со италијанскиот амбасадор во Македонија, па тоа било дополнителна причина за непојавувањето.
За ова, како што рече Медарски, нема доказ, но го упати судот да гледа вести и да види дека таква средба ќе се оствари.
Судот побара од Јавниот обвинител Златко Биковски кој го застапува обвинението да се изјасни за причините за недоаѓањето на Заев и за тоа дали тој е надлежен да постапува по обвинението, на што Биковски остави судот да цени дали причината на Заев е за оправдување во поглед на средбата со амбасадорот закажана во исто време е уверлива, а за надлежноста рече дека тој останува надлежен се додека нема одлука за предавање на предметот на друг обвинител.
Судот четвртото рочиште за евентуален старт на судењето го презакажа за 22 октомври. До тогаш, во притвор остануваат Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски, а од слобода се бранат Соња Верушевска и Бранко Палифров, кои заедно со Зоран Заев – првите тројца се обвинети за шпионажа и за помагање во шпионажа, а третиот и четвртиот за насилство врз претставници на власта.
Според Законот, дури и кога ќе го преземе предметот специјалната обвинителка, таа не може да го врати предметот во истрага или да се откаже од обвинението, туку ќе мора да продолжи во фаза на судење, а евентуалната интервенција може да ја направи откако ќе бидат изведени сите докази, во завршен збор.
Доколку обвинителката Лиле Стефанова за која има многу реакции во јавноста биде потврдена од Советот на обвинители како дел од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, се очекува да го продолжи гонењето бидејќи му беше замена на Биковски и го знае предметот.
Судењето мора да продолжи пред истиот совет, во кој се судиите Љубинка Башеска и Ивица Стефановски.
Мината недела Кривичниот совет на скопскиот суд го одби барањето на обвинителството да му се одземе патната исправа на Заев поради непојавување на судењата и ја укина обврската еднаш неделно да се јавува во Основниот суд во Струмица пред надлежен судија.
Покрај „Пуч” за Зоран Заев се очекува и стартот на судењето за барање поткуп.

Останати вести