Го бркале со две коли, му ги скршиле стаклата, па го пукале со пиштол

Во скопската населба Маџари среде бел ден се случи обид за ликвидација за кој полицијата вели дека бил “поради нерасчистени односи”.

Други извори пак велат дека станува збор за пресметка на две семејства од криминалното подземје и дека застреланиот бил начекан во заседа.

Имено, на 24 јануари околу 11 часот Д.З. (48) од Скопје се движел од улица „Перо Наков” (во близина на пругата пред кванташки пазар) со патничко возило „голф 5″, во кое сопатници биле неговиот брат Б.З. (50), внукот С.З. (28) и 13-годишниот син. По однапред смислен план, од споредната улица со голема брзина друго патничко возило „голф 3″ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.И. (39), во кое имало уште едно лице, удрило во возилото кое го управувал Д.З.

Веднаш потоа, од позади застанало патничко возило „алфа ромео” со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.И. (31) од село Сингелиќ, скопско, кој бил со уште едно лице.

Сопатниците од “голфот 3” и “алфа ромеото” со метални шипки почнале да удираат по првото возило, кршејќи ја офершајбната и прозорците на вратите. А.И. и Б.И. пак извадиле пиштоли и почнале да пукаат кон возилото “голф 5”.

При тоа Д.З. се здобил со огнострелни рани и скршеници на двете потколеници. Со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски”, каде му била укажана лекарска помош. Подоцна и неговиот 13-годишен син бил пренесен во болница, бидејќи се пожалил на повреди на главата.

По добивање на пријавата, полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот. Во изјава пред полициските службеници С.З. кажал дека и тој пукал со модицифициран гасен пиштол кон А.И. и Б.И..

По преземени мерки и активности бил пронајден и приведен и А.И. кому му е одреден притвор. Се трага по Б.И. Двајцата се обвинети за “обид за убиство”.

Домашен притвор му е определен на С.З. поради употреба на гасниот пиштол и “предизвикување опасност”.

Останати вести