Мнозинството руски граѓани гласаа за измени на Уставот што ќе му овозможат на претседателот Владимир Путин да остане на власт до 2036 година. Eднонеделниот референдум беше обележан со бројни извештаи за притисок врз гласачите и други неправилности.
Со затворањето на повеќето избирачки места во државата 72% гласале “за” уставните измени – според Централната изборна комисија. За прв пат во Русија гласањето траело една недела со цел да се зголеми излезноста на граѓаните, но и да се намалат толпите на гласачките места како резултат на пандемијата на коронавирусот.
До затворањето на анкетите во Москва и повеќето други делови од западна Русија, вкупниот одѕив бил 65%, според официјалните претставници на референдумот. Во некои региони, пак, гласале дури 90% од гласачите.
На најисточната точка на Русија, на полуостровот Чукотка, кој е девет часа пред Москва, официјалните лица брзо објавија целосни прелиминарни резултати кои покажуваат дека 80% од гласачите ги поддржуваат амандманите, а во другите делови на Далечниот Исток се изјасниле дека повеќе од 70% ги поддржале измените на Уставот.
Кремљ смета дека амандманите се неопходни за стабилноста и безбедноста на земјата, додека критичарите на Путин ги сметаат измените како потег за да се обезбеди да остане на власт долго време.
– Ние не гласавме само за амандманите. Ние гласавме за земјата во која сакаме да живееме, за земјата која сакаме да им ја оставиме на нашите деца и внуци, рече Путин.