Вториот најтрофеен македонски клуб – Работнички – најави победничка пролет и сосема поинаков лик од есенската мизерија, откако победи во Струга и запиша голема победа иако со минимални 1:0.
Екстра талентираниот Давид Тошевски со гол во 35-та минута од мечот му донесе голем триумф и официјално победнички деби на клупата на новиот кормилар Ратко Достаниќ, па со трите бода Работнички сега им се приближи на Ренова и Борец во битката да излезе од дното. „Романтичарите” остануваат последни, но триумфот на незгодниот терен кај Струга Трим Лум е добра најава и победа за голема самодоверба во продолжението во сезоната во која, со оглед на изедначеноста во квалитетот, дебармаалци не се далеку ниту од местата кои водат во Европа. Но, за такво нешто ќе им треба да фатат сериозен победнички ритам.
Во првото коло од пролетниот дел триумфи во битка за излез на европска сцена запишаа и Силекс и Шкупи. Шкупи се измачи со Борец, па во очајната пресметка без многу шанси, без многу идеја и со премногу грешки, па дури во завршните десет минути од мечот домаќините во Чаир успеаа да стигнат до прв пролетен триумф. Најискусниот фудбалер на чаирчани, Муарем Бајрами, постигна гол по корнер во 80-та минута за да ја најави победата, а Бесир Исени во судиското надополнување само ја запечати. Шкупи со победата сега е на само два бода од четвртата Академија Пандев, која пак загуби од Шкендија во дербито со 1:2. Домаќинот прв дојде во водство со погодокот на Даниел Миловановиќ, но ланскиот шампион направи целосен пресврт со погодоците на Арменд Алими и Агим Ибраими.
Силекс, пак, по триумфот во Тетово кај Ренова се искачи на третото место. Кратовци со евроголот на Бурхан Мустафов на минута пред крајот на полувремето стигнаа до триумф во Тетово кај Ренова за да продолжат каде што застанаа есеноска, па иако сите им предвидуваа грчевите битка за опстанокот, тие се вистински хит и сериозен кандидат за излез на меѓунардона сцена летово.
Актуелниот лидер Вардар на отворањето на пролетната полусезона славеше со 3:1 во скопската пресметка со Македонија ЃП и остана со осум бода повеќе од главниот конкурент за титулата Шкендија.