Игор Станојоски добитник на „Рациново признание“

Игор Станојоски за романот „Диссомнии” во издание на „Антолог” е добитник на наградата „Рациново признание” за 2018 година.

Одлуката била донесена едногласно од жирито: Луан Старова (претседател) и Венко Андоновски и Христо Петревски (членови). „Почесно Рациново признание” годинава добија Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев-Оливер од Хрватска за Хрватско-македонскиот речник.
Годинава се одбележуваат три јубилеја: 110 години од раѓањето на Кочо Рацин, 75 години од неговата трагична смрт и 55 години од манифестацијата „Рацинови средби”.
За наградата „Рациново признание” годинава пристигнале 20 дела од прозна продукција кои, според претседателот на жирито Старова, се квалитетни и со естетски и тематски вредности. Во потесен избор биле книгите на Велко Неделковски, Драги Михајловски и Јагода Михајловска-Георгиева.
– Романот „Диссомнии” се зафаќа со мошне сложена проблематика, проникната со автобиографски елементи, нараторот е и лик, активен протагонист во времето на скорешните драматични историско-политички настани во Украина, роман во кој со тие настани е преплетена и неговата интима, неговата лична и семејна драма, а во контекстот на колективната македонска судбина. Авторот покажува вешта раскажувачка стратегија. Тој успева со динамична и уверлива нарација да го придобие читателот во комплексното книжевно четиво преполно со непредвидливи настани, рече Старова.
Авторот Станојоски верува дека членовите на комисијата во „Диссомнии” ја препознале универзалноста на романот и не го затвориле, како што рече, во рамките на украинското или македонското општество.
– Голем дел од случувањата опишани во романот, како и дилемите на ликовите, се исклучително актуелни и во Украина, и во Македонија, и во многу други земји. Обоените револуции, психолошката војна, влијанието на новите облици на пропагандата врз психологијата на поединецот во 21 век, лажната борба за демократија – се релативно нови теми кои светската книжевност уште не стигнала да ги обработи. Покрај нив, „Диссомнии” допира и до сосема други теми и чувствителни точки, какви што се последиците од загубата на блиските луѓе, човечноста, неверството, привиденијата, кревкоста на човекоковиот ум и неговата зависност од сонот, рече Станојоски.
Наградата „Антологија на болката” за електронска објава ја доби Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед”.
Претседателот на Организацискиот одбор, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, рече дека целта им е да ги вратат „Рациновите средби” на пиедесталот и да бидат еднакво важна манифестација како Струшките вечери на поезијата и Охридско лето. Според него, во изминатите неколку години оваа манифестација не го имала заслуженото место.
– Мора да се избориме за вистински вредности наместо шундот што ни се пласира, истакна Коцевски, додавајќи дека Рацин е ненадминат македонски поет, а неговата стихозбирка „Бели мугри” е мала по обем, но огромна по значењето.

Останати вести