Нов Зеланд ја одбрани титулата светски првак во рагби, откако во финалето на СП славеа победа над Австралија со 34:17. Нов Зеланд ја освои третата светска круна и стана првата репрезентација која го одбранила Webb Ellis трофејот.
Првите две титули Новозеланѓаните ги освоија на домашен терен во 1987 и 2011 година, а ова им е првата титула која ја освоиле надвор од својата земја.
Водството од 16:3 на полувреме го најави конечниот исход, во вториот дел тоа беше зголемено и на 21:3, но следува серија на Австралија по која се враќа неизвесноста со резултат 21:17. Но, Нов Зеланд го издржа притисокот и не му дозволи на противникот да освои ниту еден поен се до самиот крај на финалето на СП во рагби.
Репрезентацијата на Австралија остана на двете освоени светски титули (1991 и 1999) и двете освоени во Велика Британија. Бронзениот медал го освои селекцијата на Јужна Африка со победата во „малото финале” (24:13) над Аргентина.
Рагбистите на Нов Зеланд имаат големо срце: Го поклони својот златен медал на момче на трибините


Рагби репрезентацијата на Нов Зеланд ја освои својата трета светска титула, а еден млад навивач на „Ол Блекси” го напушти легендарниот „Твикенхам” стадион со златен медал на своите гради.
Чарлс Линс втрча на теренот на крајот од мечот со цел да ја прослави победата со своите херои, успеа со нив да истрча и дел од почесниот круг пред еден редар да го стигне и да го собори на земја.
Двократниот светски шампион Сони Бил Вилијамс го подигна детето од теренот и му дозволи да учествува во прославата со играчите. Тој дури и му го подари својот златен медал, а потоа на Твитер напиша:
„Дете кое има таква желба да преземе толкав ризик, навистина заслужува медал. Уживај другарче”.
Вилијамс, кој пред својата рагби кариера беше шампион на Австралија во бокс во тешка категорија, по церемонијата за доделување на медали и пехарот, му пријде на момчето на трибините и му го подари својот медал, а на медиумите им објасни како тој ја видел целата ситуација.
„Редарот го собори на земја како рагбист на кому од тоа му зависи целиот меч. Тоа ми беше навистина жално. Тој е само млад човек кој бил понесен од моментот. Ако тоа беше мојот помлад брат, ќе го удрев редарот во лице. Сега само го подигнав детето од теренот, го одведов кај родителите и на крајот се обидов да му ја направам оваа вечер уште поубава за паметење. Знам дека ќе умее да го цени мојот гест, а кога ќе минат години, тој ќе им зборува на своите деца за ова. Тоа е повредно од се друго, особено од тоа медалот да ми виси на некој ѕид. Повеќе сакам да стои околу неговиот отколку на мојот врат. Сигурен сум дека ова долго ќе го памети. Неговата мајка беше неверојатно среќна. Го носеше дресот на нашата репрезентација, па можеби тој во иднина ќе биде дел од Ол Блекс”, заклучи Вилијамс.