РАК НА ПРОСТАТАТА: Tестирање и третман за лекување – што треба да знаете

Овој информативен текст не е замена за разговор со лекари или медицински сестри. Ве молиме користете го како водич за прашањата што можеби ќе сакате да ги поставите.

Што е простатата?
Простатата е полова жлезда кај мажите.
Сместена е под мочниот меур. Се наоѓа кај основата на пенисот, веднаш пред задниот премин (ректумот/чмарот). Обично е со големина на орев. Произведува дел од течноста во спермата.
Простатата има тесна дупка во средината. Цевката (мочоводот) која ја празни мокрачата од мочниот меур поминува низ оваа дупка на својот пат кон завршетокот на пенисот.
Ракот на простатата главно се јавува кај мажи над 65 години и е многу редок кај мажи помлади од 45 години.
Освен со стареењето, вашиот ризик се зголемува ако имате татко или брат со рак на простатата, особено ако бил дијагностициран пред 60-та година.
Многу е често кај мажите над 50 години или постари да имаат едно или повеќе од следните:
– потреба за почесто мокрење
– потреба за итно мокрење во било кое време
– потешкотии да почнат со мокрењето
– мокрењето да трае подолго, бидејќи протокот на мокрачата е слаб, или, пак,
– запира и пак почнува
– цедење на мокрача откако сте завршиле со мокрење.
Во повеќето случаи овие симптоми се предизвикани од зголемена простата што не е заболена од рак (чест проблем кај мажите што се јавува со стареењето). Зголемената простата не води кон рак на простатата. Меѓутоа, би било добро да позборувате со вашиот лекар ако имате некој од овие симптоми.
Што ќе стори лекарот ако имам проблем со простатата?
Најпрвин, лекарот треба да открие што го предизвикува проблемот. За тоа се потребни медицински тестирања. Во нив спаѓаат:
– Дигитален ректален преглед – со ракавици, докторот со прст влегува во задниот премин (ректумот/чмарот) за да провери дали има промени кај вашата простата.
– Тест за специфичен антиген на простатата (Prostate specific antigen или PSA)
Во простатата се лачи еден протеин наречен специфичен антиген на простатата или PSA кој што помага да се потхранува спермата. Обично само мали количини од овој протеин наречен PSA влегуваат во крвотокот. Кога во крвта се најдат големи количини на PSA, тоа може да биде знак за рак на простатата, но не секогаш.
Нивоата на PSA можат да се зголемат како што стареете поради:
– воспаление
– инфекции
– други здравствени проблеми со
простатата кои не се резултат на рак.
Тестот за PSA е тест на крвта кој покажува колку протеин PSA има во крвта.
Доколку во крвта имате многу PSA протеин, лекарот треба да направи повеќе тестови за да открие зошто е тоа така.
Биопсија
Доколку тестот за PSA или дигиталниот ректален преглед не ви се со нормални наоди, вашиот лекар може да ве упати да видите специјалист наречен уролог. Урологот може да препорача биопсија. Тоа подразбира ставање на мала ултразвучна сонда во задниот премин/чмарот. Потоа обично ви земаат шест или повеќе примероци од простатата. Истите се праќаат на проверка под микроскоп.
Биопсијата е единствениот дефинитивен начин да се открие дали имате рак на простатата. Биопсијата ќе покаже колку брзо може да расте ракот и колкава закана може да биде. Тоа се нарекува ‘агресивност’. Ова може да го насочи изборот на третман за лекување.
Дали треба да одам на тестови за рак на простатата дури и ако немам симптоми?
Веќе неколку години постои дебата околу тестирањата за рак на простатата заради нус-појавите од третманот. Некои луѓе веруваат дека сите мажи над одредена возраст треба редовно да се тестираат. Други, пак, веруваат дека тоа треба да биде прашање на избор на секој маж согласно семејната историја и личните околности.
Во моментот не се залагаме за тестирање за рак на простатата кај сите мажи. Сега за сега не постојат силни докази дека тоа спречува мажите да умираат од рак на простатата.
Меѓутоа, не можеме да бидеме сигурни дека рутинското тестирање не е делотворно, така да не советуваме пак ни да не се прават тестови. Со тек на време истражувањата може ќе дадат одговор на ова прашање.
Ние веруваме дека најдобрата работа е да позборувате со вашиот лекар и да донесете информирана одлука околу тестирањето за рак на простатата.
Предлагаме да ги земете во предвид сите работи така што:
– ќе позборувате со медицинска сестра од одделението за рак на Cancer Helpline (Линија за помош за лица засегнати од рак)
– ќе ги прочитате нашите информации на теми поврзани со рак на простатата и третманите за лекување
– ќе го посетите местото на Интернет посветено на ракот на простатата на www.prostatehealth.org.au
– ќе позборувате со мажи кои имале рак на простатата
– ќе разговарате со вашиот лекар.
Вие треба да донесете одлука. Ние можеме да ви помогнеме да ги најдете информациите што ви се потребни.
Кои се третманите за лекување на рак на простатата?
Вашиот лекар ќе ве посоветува за тоа што мисли дека е најдобро да се преземе во вашиот случај. Лекувањето ќе зависи од:
– големината на ракот
– дали се раширил
– вашата возраст
– колку сте здрави.
Подолу се наведени некои од можностите за кои вашиот лекар може да позборува со вас ако ви е откриен рак на простатата.
Без лекување
Понекогаш ракот на простатата не треба да се лекува ако бавно расте и ако не предизвикува закана. Лекарот може да прави редовни тестирања за да проверува дали настанале промени. Ако ракот почне да расте, може да започнете со лекување во подоцнежна фаза.
Операција/радиотерапија
Ако ракот не се проширил, може да одите на операција за да ви ја отстранат простатата, или на радиотерапија за да пробаат да го уништат ракот.
Радиотерапијата може да се направи на еден од овие два начина:
• со зраци насочени од машина однадвор од телото накај самиот рак. Ова се нарекува надворешна зрачна радиотерапија ИЛИ

• преку извор на радијација кој што е поставен преку операција внатре во телото каде што е ракот. Ова се нарекува брахитерапија.
Хормонско лекување
Ако ракот се проширил, може да ви дадат хормонска терапија за да го забават ракот или да спречат негово ширење. На некои мажи им се дава хормонска терапија пред да се премине на брахитерапија.
Од операцијата и радиотерапијата за рак на простатата можат да се јават три големи компликации.
Често мажите после операција веќе не можат да доживеат ерекција (стануваат ‘импотентни’). Има поголема веројатност тоа да се случи ако сте постари. Ова се случува бидејќи нервите кои се одговорни за ерекцијата поминуваат низ простатата. Заради местоположбата на ракот, понекогаш е невозможно да се одбегне оштетување на овие нерви.
После операција некои мажи може да ја изгубат способноста за контролирање на мокрењето (не можат да ја задржат мокрачата). Ова се јавува заради оштетување на мускулите околу простатата. Кај повеќето мажи оваа неспособност за задржување на мокрачата не трае подолго од неколку месеци.
Лекувањето со радиотерапија исто така може да предизвика проблеми со ерекцијата и задржувањето на мокрачата. Може да има последици и врз дебелото црево. За време на лекувањето може да добиете пролив, или пак оштетување на дебелото црево за што може да биде потребно лекување.
На располагање имате помош за компликациите од третманите за лекување. Зборувајте со вашиот лекар пред да донесете одлука за лекување.
Повеќејазична информативна линија за рак
За да разговарате со медицинска сестра од одделението за рак преку преведувач на јазик што вие ќе го изберете, следете ги следните чекори:
1. Јавете се на Translating and Interpreting Service (Преведувачка и толкувачка Служба) на 13 14 50, од понеделник до петок, од 9ч наутро до 5ч попладне.
2. Кажете го јазикот што ви треба.
3. Почекајте на линија да ве поврзат со преведувач (тоа може да потрае до 3 минути)
4. Побарајте од преведувачот да се јави на Cancer Council Victoria Helpline (Линија за помош при викторискиот Советот за рак) на 13 11 20
5. Ќе бидете поврзани со преведувач и со медицинска сестра од одделението за рак.

Останати вести