270 илјади евра на фризерница, 83 илјади за тренирање хрватско магаре, 54 илјади за обука за гостопримство во Кипар…

Скопско фризерско студио лоцирано во населба Аеродром изминативе три години добивало грантови од над 270.000 евра преку програмата „Еразмус+”, која ја спроведува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, чиј директор е Лидија Димова.

На фирмата „В.Е.З. Трејд” со основна дејност „фризерски салони и салони за разубавување” ѝ било овозможено да добие грантови за проекти од областа на едукацијата, објави портлаот “А1он”. Во 2018 година на фризерницата првпат ѝ се одобруваат два проекта за кои преку Националната агенција се исплаќаат 63.552 евра. Следната година, „В.Е.З. Трејд” повторно аплицира и добива, овојпат грант од 25.840 евра. Оваа година името „В.Е.З Трејд” добива 181.485 евра. Во други земји вакви грантови за едукација добиваат школи, универзитети, здруженија и државни институции, но не и фирми регистрирани со дејност „фризерски салони”, заклучуваа “А1он”.
– Лидија Димова, директорката од СДСМ, исплатила европски пари 270.000 евра во рок од 3 години преку неколку грантови на фризерски салон или берберница со две столчиња, сеедно, каде што една од темите на грантот за оваа година била фризерницата да едуцира за медиумска писменост во дигиталното опкружување. Неверојатно. Е, па народе, на здравје бричење од страна на СДСМ. Граѓаните во сиромаштија, функционерите на СДСМ во луксуз, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
По скандалот со 270-те илјади евра дадени на берберница, на социјалните мрежи се појавија и други мошне интересни проекти кои добиле пари.
Адвокатот Александар Тортевски на Твитер објави детали и за други проекти финансирани од Националната агенција како: „тренирање хрватско магаре и хрватски липицанер” за кој средното училиште “Ѓорче Петров” од Кавадарци добило 83.000 евра и уште еден за „гостопримството на Кипар” за кој средното училиште “Коле Нехтенин” од Штип добило 54.000 евра.
Се работи за финансиски средства од ЕУ кои се доделуваат кога македонски апликант со проект ќе најде соодветен партнер од земја-членка на Унијата. Парите ги трошат двата партнера.Од земјоделско-шумарското средно училиште „Ѓорче Петров” од Кавадарци се јавија со појаснување дека проектот за “тренирње хрватски коњи и магариња” вклучува практична обука на 35 ученици и 5 наставници, во времетраење од две недели во Иваниќ град, Република Хрватска.
– Проектот, меѓу останатото, е дизајниран и да ги воведе и мотивира учениците да започнат сопствен бизнис – велат од училиштето.
Во писмена изјава испратена до медумите Зоран Златковски вели дека тој не фризер, туку наставник, обучувач, консултант кој работи на полето на образованието во последните 25 години како професор по стручни предмети и координатори на бројни проекти. Имал напишано 7 учебници. Дуќанот што сега е берберница е негов па таму му е и седиштето на фирмата.
Заев побара од Димова веднаш да образложи како се трошат европските пари
Откако јавноста беше зачудена дека еден фризерски салон во Скопје добил 270.000 евра европски пари од програмата „Еразмус+” премиерот Зоран Заев побара од директорката на Националната агенција, Лидија Димова, да објасни на кој начин се делени тие пари и врз основа на кои критериуми. Toj побара од Димова на прес-конференција да ги објави сите детали околу доделувањето на овие големи средства.

Димова: Нема да си поднесам оставка
Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова вели дека таа не може да доделува европски пари, туку тоа се прави преку строго утврдени правила.
– Се прават ранг-листи според освоени бодови на проектите по акција и тие заедно со резимеата од проектите се разгледуваат од страна на Комисијата за евалуација во која членуваат претставници од пет институции. И последното ниво на одлучување е директорката. Напоменувам дека ова дискрециско право никогаш не сум го искористила досега. Бидејќи станува збор за недоразбирање, демек за многу пари дадени на господинот Зоран Златковски, јас морам да кажам дека направив проверка уште еднаш и неговите проекти се оценети од седуммина евалуатори. Сите се различни, ниту едно име не се повторува, рече Димова.
Сопственикот на “В.Е.З. Трејд” потврди дека главната дејност на компанијата е фризерница и салон за убавина, а директорката Димова рече дека и претходно вакви компании добивале европски пари.
– Она „фризерница” е тотална лажна вест. Националната агенција не финансираше фризерница иако и тоа е дозволено и се правело во минатото, туку го финансираше претријатието „Вредност на европско знаење”, чиј што скратен назив е “В.Е.З. Трејд”. Седиштето на оваа фирма е токму на адресата која ја посочува, каде по некоја случајност во овој момент се обавува фризерска дејност, бидејќи лицето кое го користи тој локал ја обавува таа дејност. Но, фризерот кој ја обавува таа дејност ниту е Зоран Златковски, ниту тоа лице има каква било поврзаност со грантовите на “Еразмус +” програмата. Фирмата “В.Е.З.” добила грантови и тие се изработени во соработка со Националната агенција, а два проекти се веќе успешно затворени, вели Димова.
– Во врска со ВМРО-ДПМНЕ кои бараат моја оставка. Морам да ги разочарам и да кажам дека оставка нема да дадам се додека не откријам како во нивно време се проневерени 2.2 милиони евра, рече Лидија Димова, директорката на Националната агенција на посебна прес-конференција.
– Тие велат дека се плашат дека јас ќе сум ги избришела податоците. Нека не се тревожат, системот во Брисел е таков што сите податоци се запишуваат автоматски, таму нема бришење, рече Димова.
На објавата со магарето од страна на Тортевски, таа реагираше дека тоа е еден вид одмазда на Тортевски, поради тоа што не ги добил очекуваните пари од еден проект.
– За проектот со магарињата. Ако одите на веб-страната на Националната Агенција, таму има еразмус проект. И има алатка по која наоѓате проекти. Може да внесете било што: пчели, магаре… Ви ги кажува сите проекти во врска со магарињата и ќе ви каже колку држави учествувале во тој проект. Не се магарињата толку смешни колку што Тортевски сакаше да направи приказна. И таа приказна не беше случајна, таа небулоза од Тортевски кој се забавуваше со темата магариња, затоа што тој има тужба кон Националната Агенција затоа што имаше еден проект за кој јас ги скратив средствата и ваквите пишувања на Тортевски имаат еден вид позадина, рече Димова.

Останати вести