Расправа пред Апелација за “Монструм“

Во Апелацискиот суд во Скопје се одржа првата јавна расправа за случајот Монструм во кој пред три години на Смиљковското Езеро свирепо беа убиени петмина етнички Македонци.

Како извршители и организатори беа првостепено осудени шестмина, од кои двајца се во Косово во затвор, додека еден беше ослободен поради немање докази. Осудените добија казни максимални казни – доживотен затвор. Пред повисокиот суд доставија жалба и бараат да бидат ослободени бидејќи не биле виновни.
Адвокатите на обвинетите истакнаа дека во пресудата од првостепениот суд за првпат виделе некои докази кои никогаш не биле презентирани на судењето. Беше прочитано и сведочење на извесен Ахмед Бекир, од ромска националност. Тој тврдел дека на езерото се сретнале со момчињата и им побарале црви. Кога си заминувале виделе и човек со пушка, а нешто подоцна слушнале и истрели. Но според сведочењето што беше прочитано, момчето не можело да препознае никој од осудените. Пресудата за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро беше изречена минатата година на 30 јуни и предметот по повеќе од една година конечно доаѓа пред Апелација.
Расправата продолжува со искази од адвокатите на осудените.
Според првостепената пресуда, Алил Демири, браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута се прогласени за виновни и осудени на доживотна казна затвор за петкратното убиство, додека обвинетиот Сејди Рами беше ослободен од обвиненијата.
Во образложението на пресудата, судијата даде објаснување за начинот на кој било извршено петкратното убиство, како и за поединечната инволвираност и поврзаност помеѓу сите обвинети. *Четворицата млади другари од Радишани, Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски и возрасниот Борче Стефковски беа убиени еден ден пред Велигден, во 2012 година.
Судењето почна на 20 декември 2012 година, по неколкумесечна истрага и изготвување на обвинителниот акт во кој беа опфатени седум лица. Обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се наоѓаат во затвор во Приштина, каде што се осудени за нелегално поседување оружје. Постапката за нивна екстрадиција е во тек, но не се знае кога ќе бидат испорачани во земјата.

Останати вести