Вечната австралиска расправа околу пазарот за недвижности повторно се разбранува сред тврдењата за „немилосрдниот напад” врз него.
Ова сигурно ќе биде клучна тема на федералните избори кои ќе се одржат следната година. Владата повторно ја отвори расправата околу негативното инвестирање, обвинувајќи ги лабуристите дека почнале „немилосрден напад” врз пазарот на недвижности.
Опозицијата даде цврство ветување дека ќе ја ограничи негативната задолженост на новоизградените домови и ќе го преполови попустот на данок од 50 отсто на добивка од капитал.
Бил Шортен тврди дека моменталната политика на владата на инвеститорите им дава неправедна предност над оние кои ја купуваат својата прва недвижнина, а тоа особено оди во корист на лица со големи примања кои намерно инвестираат и интересот и трошоците за одржување ги претставуваат како загуба и добиваат одбивање на данокот, а во исто време се зголемува вредноста на неговата инвестиција со текот на времето.
Но, пишувајќи за весникот „Тhe Australian”, министерот за финансии Џош Фрајденберг изјави дека две третини од лицата со негативна задолженост имаат оданочен дел од приходите помал од $80.000.
„Оние кои се наоѓаат во ситуација на негативна задолженост се луѓе кои јавноста обично не би ги сметала за богати” – вели Фрајденберг. Тој изјави и дека меѓу оние со негативна задолженост се и 58.000 наставници, 41.000 медицински сестри и 19.000 полицајци и вработени во итните служби.
Тврди дека промените би им наштетиле на сите оние кои имаат инвестиран капитал во форма на недвижност.
„Ова ќе ги казни не само 1.3 милиони луѓе со негативна задолженост, туку и сите оние кои имаат капитал во форма на сопствен дом, затоа што кога конечно ќе одлучат да го продадат својот имот, тоа ќе го направат на пазар со многу помалку потенцијални кушувачи. Политиката на лабуристите не можеше да дојде во полош момент, ниту да биде послабо сфатена. Ова не е време кога на лабуристите треба да им дадеме можност да ја фрлат коцката и да почнат безмилосна даночна политика казнувајќи ги граѓаните и политика која во опасност ќе го доведе нашиот економски раст ” – вели Џош Фрајденберг.
Зборувајќи минатата недела за радиото ABC, државниот благајник во сенка Крис Боуен ги отфрли аргументите дека не е добар момент да се меша во негативната задолженост.
„Ваквите реформи се спроведуваат со генерации. Ќе знаете дека пазарот во текот на следните 20 или 30 години ќе расте или ќе падне, но не ја менувате често негативната задолженост. Повеќе економисти укажаа на фактот дека веројатно сега е добар момент за реформа на негативната задолженост поради работата која агенцијата Australian Prudential Regulation Authority (APRA) од пазарот веќе отстрани некои проблеми, нешто од тоа веќе е земено во предвид, па поради тоа со мал број граѓани со негативна задолженост нашите промени ќе бидат помал шок за системот” – вели Крис Боуен и додава дека политиката на лабуристите е должна да овозможи што поголема достапност за живеење во сопствен дом и федералниот буџет да биде поздрав. Ова е важна реформа за оние кои го купуваат својот прв дом. Ова е соодветно. Не би требало да даваме поголема поддршка на инвеститорите отколку на купувачите на својата прва недвижнина. Во овој момент тоа го правиме.
„Може да биде подобро. Политиката е внимателно осмислена, внимателно одмерена и ова е вистинската одлука за иднината на Австралија.”
Цените на куќите во петте главни градови на Австралија паднаа просечно за 3.5 отсто во изминатите 12 месеци, а најголем пад е забележан во Сиднеј и Мелбурн. Купувачите на први недвижности во тој период повторно се враќаат на пазарот. Сега сочинуваат нешто помалку од 18 отсто нови кредити за купување стамбен простор.
Во неодамнешното интервју за news.com.au прајминистерот Скот Морисон укажа на владината програма за штедење за прв дом (First Home Savers Scheme) како една од причините за овие промени.
„Сметам дека ова е особено едноставна и конструктивна програма која значи дека луѓето можат побрзо да заштедат за депозит, едноставно подеднакво жртвувајќи се како и денес.”
Според оваа програма Австралиците можат да штедат за депозит користејќи го својот пензински фонд, што значи дека ќе плаќаат помалку камата.
„Можете да штедите со иста големина на приходот, околку 30 отсто побрзо отколку што сте можеле порано” – рече прајминистерот.
Морисон исто така ја нагласи работата на владата со агенцијата Australian Prudential Regulation Authority (APRA) за намалување на хипотеките за инвестиции кои беа со отплата само на каматите, кои сочинувале околу 40 отсто од сите нови кредити за недвижности на нивниот врв минатата година.
„Кога ќе најдете луѓе кои единствено мораат да продолжат да позајмуваат се повеќе и повеќе и тоа го прават отплатувајќи ги само каматите, тие мораат да ја зголемат цената и токму тоа ги поттикна размерите на целата програма” – рече тој.