Распродадени трите претстави на “Клеопатра“

Според Олга Панго, уметничка раководителка на балетот, „Клеопатра” е спектакл од рангот на оние што се играат на сцените на најголемите светски балетски куќи.

Голем интерес кај публиката во земјата има за балетскиот спектакл „Клеопатра” во МОБ со кој примабалерината Александра Мијалкова ќе го одбележи 25-годишниот јубилеј од уметничката дејност. Билетите за трите предвидени изведби се веќе некое време распродадени што се должи на амбициозните најави на МОБ дека ќе видиме голема, грандиозна претстава, разнобојно шоу што излегува од рамките на класичниот балет, со кинематографски ефекти, фантастично светло и звук, со користење на нови технологии.
Според најавите, на сцената ќе има околу триста луѓе, меѓу кои и мимичари и циркуски уметници, фолклорни групи и дресирани животни.
Премиерата на балетската претстава беше планирана за 19 ноември, но како што информираа од МОБ, поради технички причини е презакажана за следниот викенд.
Кореограф на „Клеопатра” е Василиј Медведев, а музиката – која е специјално напишана за оваа претстава – е на литванката Нерија Голдберг. Костимите и сценографијата се на Павел Јураш, а Станислав Фечо е асистент на режија. Улогата на Марк Антониј му е доверена на првенецот Бобан Ковачевски, Цезар е Васил Чичијашвили (Грузија), Октавија е Марија Кичевска Шокаровска, Змијата е Мими Поп-Алексова Атанасовска, Октавијан е Киро Павлов и Аполодор го игра Дојчин Дочев од Бугарија.
Балетот, како што најавуваат од МОБ е замислен како голема, грандиозна претстава, разнобојно шоу, кое излегува од рамките на класичниот балет, со кинематографски ефекти, фантастично светло и звук, со користење нови технологии.
– Рускиот кореограф со светско реноме Василиј Медведев работи во духот на неокласиката, затоа сите негови поставки, како по правило, им се допаѓаат не само на познавачите на балетот и критичарите, туку и на пошироката публика. Неговиот незаменлив асистент е кореографот и педагогот од Чешка – Станислав Фечо. Многу важна улога во кој било спектакл со историска тематика има и визуелното обликување на словачки уметник Павел Јураш, кој направи четиристотини костими и четиринаесет раскошни сценски обликувања – најавуваат од МОБ.
Кореографот Василиј Медведев со Мијалкова работеше и на претставата „Дамата со камелии”.
– Беше предизвик повторно да работам со тимот од меѓународни реномирани уметници како што се кореографот Василиј Медведев чии претстави се играат во Баљшој, во Државниот театар во Берлин, како и на многу други сцени во светот. По долго размислување околу изборот на јубилејната претстава ја избрав идејата за Клеопатра на кореографот Медведев, бидејќи главната хероина, последната царица на Египет со нејзината убавина, женственост, мистериозност за мене како балетски уметник е инспиративна. Има инвентивната кореографија во неокласичен стил, стилски обликувана, изразена преку пластични движења, која ми овозможува да ја истакнам мојата индивидуалност, креативност и танцов сензибилитет – вели Мијалкова.
Според Олга Панго, уметничка раководителка на Балетот, „Клеопатра” е спектакл од рангот на оние што се играат на сцените на најголемите светски балетски куќи.

Останати вести