„Facebook” на суд поради монопол – ќе мора да се откаже од „Instagram” и „Whatsapp”?
Американската федерална комисија за трговија и речиси сите сојузни држави во САД ја тужат компанијата „Facebook” за наводно прекршување на законите што спречуваат создавање монополи. Во тужбата се тврди дека Фејсбук нелегално ја потиснал својата конкуренција купувајќи ривали кои биле закана за неговата доминација.
Главниот дел од тужбата се однесува на купување на „Instagram” за 1 милијарда долари во 2012 година и „WhatsApp” за 19 милијарди во 2014 година.
Овие инвестиции, меѓу другото, помагаат вредноста на компанијата денес да достигне над 800 милијарди долари, се наведува во тужбата.
Од Федералната комисија за трговија соопштија дека ќе побараат одлука со која, меѓу другото, ќе се бара од „Facebook” да се откаже од своите аквизиции, вклучувајќи ги и горе споменатите „Instagram” и „Whatsapp”.
Коалицијата на сојузни американски држави исто така бара поседувањето на други социјални мрежи од страна на Фејсбук да се прогласи за нелегално.
„Речиси цела деценија, „Facebook” ја користи својата доминација и монопол на пазарот за да уништи послаби ривали и да ја задуши конкуренцијата, сето тоа на штета на редовните корисници”, изјави државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс.
„Ниту една компанија не треба да има толку многу неконтролирана моќ над нашите приватни информации и нашите социјални интеракции. Поради тоа поднесуваме тужба во корист на милиони корисници и милиони сопственици на помали компании кои се погодени од однесувањето на ‘Facebook'”, вели Џејмс.
Од компанијата соопштија дека ја разгледуваат тужбата, но дека ваквиот преседан ќе има влијание врз пошироката деловна заедница и луѓето кои секојдневно ги избираат своите производи.
„Facebook” е втора голема технолошка компанија која се соочува со ваков правен предизвик откако американското Министерство за правда на САД, во октомври го тужеше „Google” од слични причини.
По објавувањето на ваквата вест, акциите на „Facebook” веќе паднаа за 3 проценти.