Хашкиот трибунал неправосилно го осуди поранешниот командант на Војската на Република Српска, генералот Ратко Младиќ (75), на доживотен затвор за геноцид во Сребреница и злосторства против човештвото врз муслиманите и Хрватите за време на војната во БиХ во периодот 1992-1995 година.
Поранешниот командант на босанските Срби е осуден на доживотна затворска казна.
Ратко Младиќ „значително придонел” за геноцидот за време на балканските војни, додека бил командант на штабот на Војската на босанските Срби од 1992 до 1996 година заклучи Меѓународниот кривичен суд и го прогласи за виновен за геноцидот во Сребреница, јави Франс прес.
Младиќ беше отстранет од судот во Хаг кога почна да им вика на судиите додека ја читаа неговата пресуда за воени злосторства. Младиќ викаше: „Судијата чита лаги”. Тој беше избркан откако судијата го одби барањето на неговиот адвокат за одложување на судењето поради нарушено здравје.
Тој е прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, како и за злосторства против човештвото во 15 босански општини: за прогон, истребување, убиства, депортации и присилно преместување. Трибуналот утврди дека Младиќ е виновен и по четири точки од обвинението за прекршување на законите и обичаите на војувањето – убиство, терор, незаконски напади врз цивили и земање заложници.
Ослободен е од вина по првата точка од обвинението, во која се товареше за геноцид во шест други општини во БиХ.
Според судијата Ори, членови на здружениот злосторнички потфат во Сребреница биле Радован Караџиќ и припадници на Главниот штаб на Војската на Република Српска.
Младиќ беше уапсен во мај 2011 година, по 12 години криење во околината на Лазаревац и беше екстрадиран во Хаг.
Хашкиот трибунал со оваа пресуда ја заврши работата, и иако одбраната и обвинителството имаат право на жалба, за нив ќе одлучува друг суд.