Сензација: Беше голем аутсајдер, но ја нокаутираше неприкосновената шампионка Раузи

Сензација во UFC! Холи Холм во саботата навечер во Мелбурн го шокираше светот откако ја победи до сега неприкосновената светска шампионка Ронда Раузи. 

Фантастичниот скор на Раузи од 12-0 во пресрет на дуелот ја направи Холм тотален аутсајдер, но таа својата најголема победа во кариерата ја оствари со фантастичен удар со ногата во борбата која што се одржуваше во Мелбурн.

Ронда до сега беше кралица во својата категорија, а непоразената Американка ги победуваше своите противнички за 14, 16 и 34 секунди. Неодамна по шести пат по ред ја одбрани титулата што е најдолга низа во историјата на UFC, но и на тоа му дојде крајот.

Од самиот почеток на борбата Холм тргна на сè или ништо. Одлучната Холм ѝ зададе низа на удари на Раузи која тешко се справуваше со притисокот. Секогаш кога Раузи тргнуваше во напад, Холм вешто ги избегнуваше нејзините удари по што очекувано дојде заморот кај неа.

Најсилното оружје на Холм е директот. Во текот на целата борба, таа константно ѝ задаваше удари на Раузи, а сето тоа резултираше со крв од нејзиниот нос. Холм не сакаше да го троши времето, почувствува дека ова е нејзин момент, па во втората рунда реши да ја заврши борбата и да го освои појасот.

Раузи до тогаш беше добро „истепана”, Холм тоа го знаеше, а публиката едноставно не можеше да поверува што се случува во кафезот. Раузи тргна во напад, а потоа се случи нешто неочекувано…

Холм најпрвин одлично ја погоди со лев директ, Раузи загуби рамнотежа, но веднаш се подигна, по што доби фантатичен удар со нога во врат, историски “High Kick” после кој по уште неколку удари сè беше завршено.

Публиката еруптираше, знаејќи дека присуствува на историски меч, а Холм започна да ја слави победата која беше извојувана после 59 секунди борба во втората рунда.

„Дадов сè од себе на овој меч, но ова е лудост. Сè што вежбав пред борбата, го покажав во кафезот. Никогаш не сум поминала толку многу време на тренинг како пред овој меч”, изјави Холм после историската победа.

Рaузи се огласи во јавноста по првиот пораз во кариерата

Ронда Рaузи за прв пат се огласи во јавноста по нокаутот кој го доживеа од сонародничката Холи Холм во Мелбурн.
Холм ја доби оваа борба по 59 секунди во втората рунда, а нејзината противничка заврши во болница. Рaузи сега ја прекина тишината и порача.
-Голема благодарност за поддршката и љубовта која ми ја давате. Го ценам тоа што сите сте загрижени за моето здравје, но јас сум добро. Како што напоменав и претходно ќе направам пауза, но ќе се вратам, – напиша Американката за коja ова беше прв пораз во кариерата.
Според информациите кои доаѓаат од САД наредниот период Ронда освен ќе го искористи за закрепнување најверојатно ќе работи и на неколку филмски проекти за што е потребно време.

Останати вести