Разбирање за македонизмот од еден Грк

MАКЕДОНИЗМОТ ВО 19 ВЕК
Минатиов четврток во просториите на Грчкиот центар во Мелбурн, што се наоѓа на 168 Lonsdale Street , писателот и научник Димитри Гонис, инаку професор на Универзитетот Ла Троб, ги презентираше своите заклучоци од долгогодишното истражување. Предавањето беше претставено како дел од грчките семинари за историја и култура што ги нуди Грчката заедница во Мелбурн.

По повод на својот докторат на тема „Политиката на меморија и националност: неомакедонизмот во Австралија”, Гонис разговараше за појавата на првите Македонисти со јасна дефиниција за „македонската националност” во контекст на градењето на нацијата од 19 век.
Навистина многу деликатна тема, во која Гонис го оспорува грчкиот консензус, и во татковината и во дијаспората, а тоа е дека современата македонска нација е неодамнешна и вештачка конструкција; исклучиво титоистичка иницијатива која се создала со основањето на Народна Република Македонија во 1944 година.
Тој се осврна на „современиот македонски наратив” односно македонизмот, идеологија која официјална Грција ја смета за продолжување на целта на Тито да ги преобразува македонските славофони во етнички Македонци. Сепак, презентираните докази сугерираат дека поимот „македонска нација”, иако ограничен на поединци, веќе постоел уште од 1800 година навака, нагласи Гонис. Јасен пример за тоа се наоѓа во контекст на јазикот; се претпоставува дека јазичните напори на одредени македонски едукатори во овој период се доказ за новиот лингвистички македонизам; со други зборови постоела зародишна македонска свест. Според Гонис, предвесник на тоа е Ѓорѓи Пулевски, а тој потоа ја наведува и црквата “Св. Недела” во Битола итн. Јасни примери кои покажуваат дека Македонците не се измислени ниту се марсовци на Балканскиот Полуостров, истакна овој познат грчки научник.
Ваквите ставови кај дел од присутните Грци беа премногу негрчки за да ги сварат па затоа некои го нарекоа предавник а пак некои и демонстративно си заминаа. Се надеваме дека полека ќе го сварат и прифатат македонизмот како реалност.

Накратко за Ѓорѓи Пулевски
Ѓорѓи Пулевски роден во 1817, во Галичник – починал на 13 февруари 1893, во Софија — македонски писател на кратки дела, лексикограф, историчар и воен водач. Пулевски е автор на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите речници на македонски јазик.
Роден во селото Галичник, Ѓорѓија од печалбар-ѕидар во Романија до почетокот на 60-те години својот животен пат го продолжува низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора поволина на XIX век. Тој ја започнува борбата за слобода на својот народ, истовремено учествувајќи во ослободителната борба и на другите балкански народи.
Доброволец во војните
Верувајќи дека со тоа се бори и за својата татковина, Пулевски најпрвин се вклучува како доброволец во ослободителните акции во настаните од 1862-1863 година кога, како наредник на понтонерска чета, се бори против турскиот гарнизон во Белград.
Потоа, по избувнувањето на Српско-турската војна (1876) тој пак се вклучува како доброволец, на страната на српската војска. Веќе во следната година започнува Руско-турската војна и Пулевски е одново со својата чета во редовите на авангардата на руската армија за време на ослободувањето на Бугарија.
Со Одринското примирје и Санстефанскиот прелиминарен договор е прекинато заземањето и на Македонија.
Но уште во следната година (1878) Пулевски пак активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на македонскиот народ.
Борец за македонскиот јазик
Не помалку е значајна неговата културно-национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар. Негово првопечатено дело е Речник од четири јазика (или четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година. Тоа е всушност петјазичник, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазика: македонскиот и српскиот.
Втората објавена книга на Пулевски е Речник од три јазика (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 г. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебен.
По неуспехот на македонското Кресненско востание и неговото заминување во Софија, во 1879 година Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја Самовила Македонска, во која ги споменува Филип Македонски и Александар Македонски како предци на денешните Македонци, кои 300 лета пред Христа ја повладале целата вселена.
Во неа е одразена идеологијата на македонските учесници во Македонското (Кресненско) востание. Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на македонски јазик во македонската литературна историја Македонска песнарка (во две книшки). Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни.
Оваа збирка македонски народни песни била многу позитивно прифатена меѓу македонската емиграција во Бугарија. Константин Везенков бил воодушевен од патриотизмот на својот познаник Ѓорѓија Пулевски искажан во неговите авторски песни за Филип и Александар Македонски, па решил дел од нив да објави во весникот Марица.
Во следната 1880 година излегува од печат и Слогница речовска, којашто претставува прва публикувана граматика на македонскиот јазик. Во неа Пулевски се обидел да создаде основни норми на македонски литературен јазик, комбинирајќи го централно-македонското наречје со словенската писмена традиција во Македонија, креирајќи при тоа мошне интересна лексика и позајмувајќи зборови и од другите словенски јазици, но секогаш изразито македонизирани.

Останати вести