Облаче е тоа што се случи, грмна и потоа си замина!

Разговор со Митрополитот Петар по повод инцидентот во манастирот Донибрук:

Ваше Преосвештенство, нашата јавност во Австралија е силно вознемирена поради инцидентот што се случил во манастирот Донибрук. Ќе сакате ли да го коментирате тој немил настан од црковен аспект?
За жал, се повторува она народното во т.н. криминалистичка сфера, како што се вели дека злосторникот се враќа на местото на злосторството. Така и во овој случај. Мислам оние кои го направија злосторството во манастирот “Прохор Пчињски”, конкретно личноста која го направи тоа на самиот ден свети Гаврил со цел да предизвика во јавноста еден така несакан инцидент што го предизвика тендециозно, да каже дека во манастирот нема луѓе, дека манастирот веќе е на работ на пропаста, потоа како целата јавност беше дезинформирана, барем во Македонија. Тука луѓето ја знаат вистината, знаат кои се оние луѓе што го прават тоа сценарио, што ги создаваат тие претпоставки за наводно прелевање на верниците. Мислам дека беше смислен тој акт кој беше направен. Кога станува збор за тоа каков беше нашиот однос, јас бев информиран уште на почетокот од божествената литургија дека таа личност веќе доаѓа тука со цел, како што ни е на сите познато, да направи инцидент.
Јас реков дозволете му, нека влезе во црквата, нека запали свеќа, само под услов да не создава нетрпение, особено да не снима бидејќи знаеме кои се целите и намерите. Откако тој не беше послушен, откако го злоупотреби нашето трпение, откако ги предизвика верниците и сите нас да не вознемири за време на богослужбата со неговото однесување како натрапник со неговото снимање, со неговото одење кон нас, и тоа токму во моментот кога се правеше входот, кога Христос, според учењето на нашата црква и литургиски гледано дошол во светот, еве дојде тој да го спречи неговото доаѓање во светот, литургиски гледано. Го направи тој инцидент, нешто слично како и оние што Христа го вознемирија со раѓањето, како тоа што го направи Ирод кога нареди да се убијат 14,000 деца за да го најде меѓу нив и Христа Спасителот, итн. Значи, тоа е тенденциозна работа, но тоа не направи понатаму никаков неспокој и веќе со неговото заминување верниците со совршен мир, вера и љубов ја продолжија божествената литургија со нас божеслужителите и така тоа помина.
Ние се молевме во времето на постот да не одбегнат искушенијата, но тие ги создаваа искушенијата и тука се гледа разликата меѓу овој верен народ. Во времето на постот ниту еден од верниците не стана да се оправдува пред нив, или да го прифати нивниот предизвик за да се создаде метеж во Епархијата.
Господинот Ставрески, важеше за Ваш голем пријател и поддржувач. Што се случило за да се разори тоа пријателство?
Пред се, не можам да речам дека тој бил мој пријател, но точно е дека никогаш не направил инцидент некаков или дека зборувал против мене директно. Се случуваше обратно, тој да говори еднаш против едни, друг ден против други. Познат е на тукашната севкупна јавност дека има една голема несериозност во тој човек. Таа несериозност и тоа однесување, така како што тој знае да се однесува, само од сето тоа да извлече некаква полза за него, мислам дека е доволно јасно за каква личност станува збор. Доволно е јасно дека тенденциите му се сосема поинакви и дека ова тој го одработува за некого, а за да одработи некој човек тоа значи сепак некој го ангажирал. Во целиот тој случај интересно е што оној што тој никогаш не го трпеше е игуменот Гаврил, а сега наеднаш станаа неразделни пријатели. Иста програма, исто сценарио спроведуваат, но народот македонски е доста мудар и нашиот народ ги препознава луѓето. Гледа секогаш на лицето на луѓето и на формата, зборувам за сериозниот народ, гледа на суштината на нештата и на внатрешноста на нештата, на сериозноста, на упорноста во животот, за доброто на сите, во градењето на љубовта и разбирањето со луѓето. Гледа во тоа колку има духовност, колку има црковност, искреност и чесност кај луѓето. Сето тоа што се случи овде во оваа Епархија, во последните три-четири месеци наназад, беше само доказ дека кај тие луѓе навистина не било во прашање честа, достоинството, искреноста…
Има ли место за христијанска прошка?
Секогаш има прошка, но луѓето треба да побараат прошка. Господ Исус Христос рекол: ако ти згрешил твојот брат тогаш земи го насамо, поучи го, посоветувај го и ако те послуша тогаш си го придобил својот брат. Тоа го направивме ние, не само јас како владика, најнапред тоа го направија свештениците. Конкретно зборувам за игуменот Гаврил. Тие многу љубов и трпение покажаа кон него и на еден прекрасен начин се обраќаа и го замолуваа да престане со овие интриги, макар што тој секогаш истапуваше од позиција дека тој е противник на тој бунт што се крева против црквата, на тој бунт што всушност се крева против единството на црквата.
Како доказ на тоа се обиде да го потврди ама конечно потврди обратно, дека тој стоел зад целиот тој бунт. Откако ги прими советите од страна на свештениците во оваа Епархија, и се разбира на добар дел чесни верници, тој тогаш даде изјава за јавноста и во таа изјава тој ги осуди оние што се носители на таа петиција, против телата и свештениците во оваа Епархија. Остро ги осуди и кажа дека таа е крајно штетна, итн. Во изјавата дури даде една епитимија на тие негови духовни чеда за кои тој кажа тогаш дека без негов благослов тоа го направиле. Значи што се приклучиле на таа петиција, а всушност со текот на времето се докажа кои се организаторите на целиот бунт, односно дека советот е негов, учењето е негово, поуката што да прават, како да прават – се е негово. Знаеме дека духовните луѓе на некој начин имаат свои духовни чеда, со посесивен однос да ги имаат како лични свои, за себе или тоа што ќе им рече да направат. Практично, се што тие правеле, со негов благослов го правеле. Неговото лицемерно однесување дојде до израз, со целиот бунт во црквата, односно во Епархијата.
Конечно, откако тој се изјасни со таа негова изјава, дека го осудува целиот тој бунт, нормално се понадевавме сите дека тој тргнал на правиот пат и дека сака да покаже дека има вистинско монашко смирение кај него и дека еве, покажува такво трпение, таква една смиреност и монашко однесување што ќе се покаже и докаже дека станува збор за некој вистински монах. Сега, тоа сето дојде до израз со неговото појавување на порталот “Премин” во Македонија, каде што неговата статија под наслов “Повик за мир и разбирање” всушност беше повик за уште поголем бунт и создавање на раздор во Епархијата, ако е можно и разнебитување на целата Епархија. Но, очигледно тоа не успеа и тогаш јас бев должен писмено да се обратам до него и го кажав следното: дека и покрај тоа што го направи ова што го направи очекувам во него да настане еден голем пресврт, дека благодатта Божја што ние ја добиваме од Бога може сето тоа зло што се случи дотогаш да го сврти на добро и тој ќе направи голем чекор, во позитивна смисла на зборот, за надминување на тие искушенија и проблеми. Дури му дадов совет како тоа да го направи и, ако го послуша она второто што го кажавме, и пред други кажано, тогаш сме го придобиле братот за верата и за Црквата. Тој конкретно не се крева против личност туку со тоа се крева против Бога, против Црквата Христова, против оние кои ја сочинуваат Црквата, а тоа се верните со свештенството и народот. Се потврди еден вид на неговиот лажен скетизам, значи луѓето кога нешто ќе кажат и ќе застанат цврсто со својот став и изјава, и кога потоа за кусо време ќе се негираат самите себеси и ќе земат сосема спротивен став и однос за она што веќе го зацртале, дека тие се искрени и чесни, дека живеат според верата и дека се образец на монаштвото. Во неговиот случај, се покажа спротивното, дека тој скршна од нашиот пат. Конкретно, по тој мој повик пред јавноста и свештениците исто му се обратија со едно писмено обраќање за да престане, но и тука не послуша. И по вториот повик за да се врати во единство на црквата, да престане да создава метеж во Епархијата, да престане да ја урива соборноста на црквата тој отиде и чекор понатаму. Што беше чекорот понатаму? Кога виде дека народот не го поддржува, туку освен групата која посесивно ја држеше и ја држи на своја страна, отиде на другата страна, не можејќи повеќе да издржи во својата програма, во своето сценарио да го придобие народот на своја страна, тогаш конечно го напушти манастирот без никаков повод. Ниту свештениците му дадоа повод, ниту некој го бркаше од манастирот ниту јас сум му дал повод или било кој. Доброволно и самоволно го напушти манастирот и тоа пред да се извлече против него било каква казна. Но, тој тогаш го напушти манастирот и се очекуваше дека нема да се врати назад во Македонија туку беше кажано, она како што беше со Ставревски беше кажано на неговиот сајт, создаваа лажна слика, надувуваа балон со кој сакаа нашиот народ да ја напушти Епархијата и да отиде во црквите кои се со распопи или слични на нив, кои до вчера не беа осветени.
По одлуките Донибрук да го преименувате во женски манастир, велат дека Епархи­јата е соочена со губење верници. Како ќе го совладате овој проблем доколку постои?
Прво, ние нема да изгубиме верници од манастирот “Свети Прохор Пчињски”. Може само да изгубиме неверници. Сите што доаѓале во манастирот не поради верата, не поради Христа Нашиот Спасител, туку заради личност, тоа е погрешен однос кон верата. Затоа велам: секој што доаѓа во црква заради владиката Петар или за свештеникот кој е поставен во некоја црква да ја води таа парохија, или за некој игумен да го води некој манастир, ако доаѓа за личностите таму, тој погрешно ја разбрал верата. Верата никогаш не се врзува за личности, туку се врзува за Бога. Штом ќе се испречам јас како владика или некој свештеник или игумен пред Бога и ќе речам мене величајте ме и сите вие кон мене насочете се, тогаш ние автоматски се испречуваме во тој исклучок како гуру-епископи или гуру-свештеници или игумени пред верниот народ и не ги упатуваме кон Бога, туку ги водиме кон себе. Создаваме култ на личност. Штом ќе создадете култ на личност, било во црквата било во политиката, тогаш станува збор за еден голем проблем. А сериозниот проблем, особено зборувам за Црквата, тогаш погрешно ги насочуваме верниците, не кон Бога кој е над се и е создател на се, и е совршената љубов, туку кон оние кои треба да му служат на Бога заедно со верниот народ. Така, во таа смисла, јас сметам дека нема да изгубиме верници, и не сме изгубиле верници од манастирот, туку сме изгубиле неверници, луѓе кои не се врзале за Бога, туку за личност. Сега, натаму, нивната иднина е многу сериозна. На пример, јас како личност ако ги врзувам луѓето за себе, кога ќе ме нема мене тогаш за нив се создава една пуста надеж дека Господ кој ги создаде тие луѓе, останале без создадениот идол. Тоа е погрешно учење, тоа е ерес во учењето на црквата.
Баш сакам да зборувам во контекст на денешниот свет ден на свети Антониј Велики (интервјуто беше правено на 30 јануари – н.з.), кој побегнал од народот кога почнале некои да го фалат, се скрил, отишол… Тука имаме обратен случај. Кога го поттикнуваме целиот народ, значи не само онаа група на луѓе кои се т.н. “негови духовни чеда”, туку виртуелниот народ од социјалните мрежи и медиумите, кои можеби немаат врска со верата и Црквата во таа мера како што треба да биде, и нив сакаме да ги насочиме и упатиме кон нас.

Редакциска белешка: Делот од подолгото интервју со владиката Петар, што се однесува на други актуелни теми, ќе биде објавен во “Today-Денес” на 4 февруари

Останати вести