Советот на викториската општина Витлси заедно со младата градоначалничка Емилија Стерјова се разрешени по препорака на Јехуди Блачер истражителот испратен од министерот за локална самоуправа.
Истражителот Блачер беше назначен да го испита работењето на Советот поради нарушените односи меѓу македонската и грчката заедница.
Емилија Стерјова (23), Македонка по потекло, лани во декември добиваше смртни закани од припадници на грчката зедница поради нејзиното присуството на прослава на македонските матуранти и играње оро со старото знаме со шеснаесетокракото сонце од Кутлеш.
Истражителот Јехуди Блачер предложил распуштање на Советот затоа што биле нарушени односите меѓу советниците, а градоначалничката ги „воспалила односите меѓу македонската и грчката заедница”. Неговата истрага требаше да заврши во јуни, но до оваа препорака се решил откако претходно, куќата на истражителот била посетена од две непознати лица кои упатиле закани до сопругата на Блачер. Полицијата на Викторија го истражува и овој случај.
Министерот за локална самоуправа ја прифатил препораката на истражителот и Советот заедно со градоначалничката се разрешени.
„Јас не бев нападната за она за што се залагав. Бев нападната за тоа што сум”, вели во реакцијата Емилија Стерјова
„Однесувањето на истражителот резултираше со жалби и истраги со неговото заканувачко и застрашувачко однесување. Тој предложи на жителите на општина Витлси да им бидат одземени основните демократски права на претставување во општината”, пишува во отвореното писмо Стерјова, која инаку на 7 ноември 2019 година стана најмладата жена градоначалник во австралиската историја.
„Отфрлањето на избраниот општински совет поради препорака на избрзан извештај на еден истражител на жителите на Витлси им го одзема основното право да избираат свои советници и да бидат претставени… Ги повикувам премиерот и министерот за локална самоуправа да го отфрлат избрзаниот извештај на истражителот и неговите препораки. Единствените губитници во овој случај се граѓаните на Витлси и демократијата”, напиша Стерјова.
Емилија Стерјова се закани со тужба на владиниот службеник Јехуди Блачер поради тоа што тој во понеделникот и препорача на владата на Викторија да ја распушти општинската управа.
Во писмо од адвокатската фирма “Clyde & Co” се бара господин Блачер до 20 март да повлече повеќе тврдења од неговиот извештај кои се дефамација. Во писмо пратено до локалниот весник “The Leader” Стерјова тврди дека е жртва на политиката во Лабуристичката партија.
„Тие беа огорчени што не им се повинував во групата советници на Лабуристичката партија и не се согласував со одлуките за кои сметав дека не се во интереси на нашата заедница…
Тие беа немилосрдни во срамотење на советот и мене, се во надеж дека владата на Викторија ќе нè отпушти, и сега нивната желба ќе се оствари”.
Пресуден момент беше кога Стерјова го смени гласот во групата на лабуристички советници и прифати гласови на независните советници за да стане градоначалник – чин за кој подоцна е исфрлена од Лабуристичката партија. Потоа дојде и медиумската приказна дека не смеела да го вее старото знаме на Македонија.
Драмата во општина Витлси трае веќе три месеца и 25 вработени се на одмор поради стрес.
Во вторникот владата на Даниел Ендрус веднаш ја стави во процес расправата за укинување на општинската управа, со што прави сомнителен потег на шест месеци пред новите локални општински избори.
Штом ја назначи Лидија Вилсон за администратор и таа ќе биде на тоа место 90 денови. После тоа ќе се назначат три администратори кои ќе ја водат општината до октомври 2024 година.

