Реакција на амбасадорот Трпевски во врска со исмевањето на македонската заедница во Австралија од страна на некои медиуми во Македонија

Амбасадорот на Република Македонија во Австралија, Веле Трпевски се јави со реакција во врска со обвинувањето и исмевањето на Македонците кои живеат во Австралија од страна на некои медиуми во РМ. Ви го пренесуваме текстот во целост:

Почитувани,
Веќе неколку дена следам како се прави погрешно толкување и класична злоупотреба на еден мој пост. Информацијата беше во контекст на првите неколку часа од отварањето на сметката и никако не треба да се толкува тенденциозно во моменти кога сите треба посветено да работиме да им помогнеме на настраданите од поплавите во Македонија. Сакам да истакнам дека сумата која е собрана до овој момент е навистина импресивна и ја отсликува хуманоста и солидарноста на Македонците од Австралија. Планирав редовно да известувам за собраните средства со цел поголема мотивација за донирање и транспарентност, меѓутоа сега само ќе ја објавам конечната сума по завршувањето на донаторската акција на 5 септември. Македонците во Австралија имаат неколку начини како може да донираат средства, но од искуство од минатата донаторска акција овој начин се покажа како најефикасен и најприфатлив бидејќи нема банкарски провизии а сите средства се внесуваат преку банка или електронски што не остава никаков простор за нетранспарентност или злоупотреба.
Истовремено сакам да им се заблагодарам на советите и градоначалниците на градовите Рокдејл и Квинбијан кои повторно, како и во 2014, донесоа одлука за директна донација, потоа на многуте македонски бизнисмени во Австралија кои одговорија позитивно на нашиот повик, на сите организации и здруженија кои отворија донаторски пунктови и организираат донаторски настани низ цела Австралија како и на сите добри луѓе кои секојдневно несебично донираат средства на сметката за донации.
На крај сакам да потенцирам дека без разлика каде се наоѓаме во светот, најважно е да останеме сплотени и посветени, за да не ја загубиме целта поради која ги правиме сите овие напори, односно да им подадеме рака на оние на кои во овие тешки моменти тоа им е најпотребно.

Веле Трпевски
Амбасадор на РМ
во Австралија

Останати вести