Речиси АУ$ 5.4 милиона ќе ја чини државата референдумот за името. Парите ќе бидат покриени од државниот буџет, но ќе се прави прераспределба на средствата од министерствата и другите државни институции.
Собранието на Република Македонија со 68 гласа “за” го распиша референдумот на кој граѓаните ќе се изјаснат за Договорот со Грција.
Прашањето на референдумот ќе гласи „Дали сте влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција” и ќе се одржи на 30 септември 2018 година.
На предлог одлуката претходно се потпишаа 69 пратеници од СДСМ, ДУИ и БЕСА.
За распишување на референдум се произнесоа сите пратеници кои гласаа. Немаше “воздржани” гласови и гласови “против”.
Пратеникот Амди Бајрам реагираше откако собраниските служби првично избројаа 67 гласа. Рече дека гласал и тој, но неговата картичка не била детектирана. Поради тоа собранискиот спикер Талат Џафери објави дека и неговиот глас ќе се вброи во гласањето, така што бројот на пратеници кои гласаа „за” официјално бидна 68.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред гласањето ја напуштија салата, иако на општата расправа сепак беа присутни неколкумина.
За СДСМ ова е “историска одлука”
Предлог-одлуката за распишување на референдумот ја образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој истакна дека се работи за “историска одлука што треба да обезбеди иднина на државата за сегашните и за идните генерации”.
Според Тунтев, референдумот е можност граѓаните да ја препознаат и да се определат за европската иднина на Македонија, што ќе се овозможи со целосно спроведување на договорот со Република Грција.
– Денеска за нас пратениците, а на денот на референдумот на сите граѓани на РМ, ќе биде одговорноста да одлучат каде ја гледаат нашата држава. Дали изолирана, бесперспективна, постојано под безбедносни закани со меѓуетнички конфликти, нестабилна, економски неразвиена, без владеење на правото и заробена во корупција, или Македонија која претставува рамноправен партнер на европско и на светско ниво под заеднички безбедносен покрив, просперитетна и економски стабилна – рече Тунтев, повикувајќи на поддршка и од опозицијата, невладиниот сектор и сите граѓани.
Нагласи дека на Договорот со Република Грција мора да се гледа како на договор за македонската иднина.
– Никогаш никој не ќе потпишеше договор со Република Грција доколку тоа не беше услов Република Македонија да стане рамноправна членка на НАТО и на ЕУ, рече Тунтев.
Посочи дека со договорот се заштитени македонскиот идентитет и историското и културно наследство, се дефинира дека официјален јазик на државата е македонскиот јазик, а државјанството – македонско, како и дека не се менуваат химната, грбот и знамето како државни симболи.
– МК и МКД остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови. Со исполувањето на договорот ќе престане да важи референцата ФИРОМ или ПЈРМ и нашата земја ќе биде заведена во ОН под името Република Северна Македонија преведено на сите јазици, рече Тунтев.
ВМРО-ДПМНЕ: Го правите консултативен за да мине и без цензус
Пратеникoт на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, го изнесе партискиот став дека референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста. Со тоа што е консултативен референдумот, рече тој, се отвора можност резултатот да се толкува како што се сака.
– Даваме целосна поддршка за влез во НАТО и ЕУ и најголем дел од чекорите Македонија ги има изодено, но денес имаме сосема друга точка, усложнета со тоа што стои во предлог-одлуката. Денес во член 1 имаме предлог за референдум за консултирање на граѓаните на РМ. Со тоа што се планира да биде консултативен, овој референдум е само форма и остава можност резултатот да го толкувате како сакате, иако според законот оваа одлука треба да биде задолжителна. Дали ако нема цензус, а повеќето граѓани гласаат „за”, тоа може да се толкува како одобрување и институциите да продолжат со реализација на овој договор? Мое мислење е дека тоа е целта – рече Мицевски.
Тој ја прозва Владата дека процесот го тера, како што рече, по нивна зацртана рута и сакаат да го изманипулираат народот, без да ги види сите факти и аргументи.
Истакна дека самиот премиер од говорница во Собранието ветил дека референдумот ќе биде обврзувачки и дека резултатот од него ќе биде волјата на народот.
– Прашањето не ви е прецизно формулирано, двосмислено е и повеќезначно, манипулативно и граѓаните се доведуваат во заблуда. Очекуваат едно прашање, а треба да одговараат на други. На вака поставено прашање, согласно Закон за референдум, за граѓаните на гласањето треба има три ливчиња за секое прашање. Брутално ја кршите уставната практика и ја газите демократијата – рече Мицевски, додавајќи дека со формулацијата Договорот со Грција се поистоветува со НАТО и ЕУ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе два амандмана на предлог-одлуката за распишување референдум кои се однесуваа на член 1, но тие не присуствуваа кога нивното разгледување беше ставено на дневен ред и беа одбиени на гласањето од мнозинството.